[Анализа] Кризни обиди на високообразовните институции за дигитализација

Како пандемијата предизвикана од КОВИД – 19 влијае на високото образование во Република Северна Македонија? Кои се новитетите и проблемите со кои се соочуваат високообразовните установи и институции? Како различните држави се справуваат со пандемијата? Овие прашања се анализираат во документот „Кризни обиди на високообразовните институции за дигитализација во академската 19/20 година кој го објави Младинскиот образовен форум.

Анализата дава приказ на состојбата со високото образование во периодот од почетокот на март до средината на април 2020 година и може да послужи како основа за понатамошни следења на состојбите во високото образование во услови на и пост-ковид кризата.

Документот прикажува хронолошки приказ на преземените мерки од надлежните институции со цел справување со пандемијата предизвикана од КОВИД – 19 и непречено одвивање на наставата. Документот најпрвин ги прикажува промените во високото образование за време на пандемијата, а понатаму детално ги објаснува преземените чекори од страна на високообразовните институции во доменот на спроведување на онлајн настава како и во доменот на полагање на испити и оценување на студентите. Дополнително, направена е и куса компаративна анализа на состојбите во високото образование ширум светот, која ги опфаќа аспектите на спроведување на наставата и полагањето на испити и нивното оценување.

Од Младински образовен форум (МОФ), примарно ставајќи го фокусот на квалитетот на образованието, до надлежните институции ги даваат следниве следниве препораки:

– Дигитализацијата е клучен фактор: потребен е поголем и поефикасен приод кон дигитализирање на високообразовниот процес преку обезбедување на квалитетна и двонасочна настава, дигитална практична настава, онлајн достапност на образовните ресурси, литература и материјали, подготвеност во спроведување на онлајн полагања, како и онлајн административна поддршка.

– Користење на низа различни начини за спроведување на полагањата и оценувањата. Универзитетите треба да имаат слобода во одлучувањето за начинот и методот на спроведување на полагањата и оценувањата (на пр., устен или писмен испит, изготвување трудови, семинарски, решавање задачи, спроведување анализи и истражувања и сл.).

– Во идни вакви состојби, материјата за полагање на колоквиуми и испити треба да соодветствува на реалната ситуација. При креирање и спроведување на полагањата, знаењето кое се бара од студентите треба да го отсликува обемот на материјалот поминат преку онлајн наставата, како и достапноста до испитните материјали.

– Да се овозможи продолжено полагање на испити по истекот на редовните рокови од три редовни испитни сесии, но и испитните сесии да траат временски подолго со цел да се обезбеди помала фреквенција на студенти во еден термин, при што би се обезбедила поголема заштита од пренесување на вирусот.

Анализата ја изработија Ванѓел Ѓорѓиев и Петар Барлаковски, членови на Програмата за истражување, анализа и креирање на младински и образовни политики при Младонски образовен форум.

Целиот документ, со сите препораки на МОФ и заклучокот можете да ја прочитате на следниов ЛИНК.