Анализа: Каде се буџетските пари за судството и општините?

Помалку пари за судската власт од планираното. За една година – владините расходи зголемени за 20,1%. Отсуство на стратешки планови и планови за систематизирани и пополнети работни места, како и планови за јавни набавки кај дел од буџетските корисници. Ова се дел од наодите на Државниот ревизор изнесени во „Конечен извештај на овластен државен ревизор – Основен Буџет“,  за 2015 година, пишува во новата економска анализа на Portalb.mk.

„Планирањето и извршувањето на Основниот Буџет 2015 година е одговорност на раководството на субјектот застапувано од Зоран Ставрески, потпретседател на Владата и Министер за финансии“ , се вели во ревизорскиот извештај.

За судската власт – помалку пари

Голем дел од резвизорскиот извештај е посветена на буџетските пари кои требале, а не завршиле за судската власт.

„Утврдивме дека со воспоставената динамика на одборување на средства во рамките на Буџетот на судската власт не е достигнато законско утврденото ниво на буџетот предвиден за судската власт во висина од 0,8% од Бруто домашниот производ“ – констатира ревизорот.

Така, во 2012 година за судската власт требало да се одвојат средства во висина од 0,5%, а реализацијата била 0,45%. Потфрлување и во 2013 година кога наместо 0,6% се одвоиле 0,39%. Во 2014 година пак за судската власт биле потребни 0,7% од БДП, а завршиле 0,41%. Слична е состојбата и во 2015 година, кога обврската била да се одвојат најмалку 0,8% од БДП, а се одвоиле само 0,38%.

„Ваквиот начин на планирање и финасирање на судската власт создава ризик за целосно обезбедување на стабилно, долгорочно, рамномерно и соодветно финансирање на судската власт“, наведува ревизорот и препорачува:

„Министерството за финансии во соработка со надлежните институции и Судскиот буџетски совет да преземат активности за обзебедување на средства за судската власт во Буџетот во висина утврдена со одредбите од Законот за судскиот буџет“.

Дополнително, според регулативата, буџетот за судската власт, според ревизорот не може да се намалува и во случај на ребаланс на Буџетот.

Како се усвојувале стратешките документи?

Фискалната стратегија, како еден од стратешките докумени значајни за Буџетот и економските прогнози, според ревизрот се носела со задоцнување. Така, за овој документ рокот бил 31 мај, 2014 година, а се усвоил пет месеци подоцна, на 3 октомври 2014 година. Слично отстапување има и за “Одлука за стратешки приоритети за наредната година“, во случајов за 2015 година, со што наспроти утврдениот рок за носење на 15 април овој документ бил усвоен на 9 септември.

И во овој ревизиорски извештај се констатирани одредени слабости кај буџетските корисници.

„Дел од буџетските корисници немаат доставено тригодишни стартешки планови кои се основа за подготвување на буџет,“ се наведува во ревизорскиот извештај во кој се нотира и забелешка за начинот на ситематизација на работните места и јавните набавки, пишува Portalb.mk.

„Планот на систематизирани и пополнети работни места на буџетските корисници, како и планот за јавни набавки, не се доставувани од страна на дел од буџетските корисници,“ нотира ревизорот и посочува на ризици:

„Со доставување на нецелосни буџетски барања, буџетските корисници се соочуваат со ризик, донесениот Буџет од страна на Министерството за финансии да не е во сооднос со нивните реални потреби за реализација на поставените цели“.

Управувањето и извршувањето на Буџетот за 2015 година, во делот на планирање и извршување на расходите и другите одливи и планирањето и извршувањето на приходите, според ревизорот, во најголем дел биле во согласност со износите утврдени во рамките на одборените буџети на одделни буџетски корисници, освен во делот на трансферите до единиците на локалната самоуправа и средствата во рамиките на буџетот за судската власт.

Ревизорот констатира дена во 2015 година во споредба со 2014 година, расходите биле зголемени за 20,11 % додека во однос на 2013 порастот изнесувал 20%. Така, во однос на 2014 трошењата по основ “резерви и недефинирани раходи“ се зголемиле за 401,5%, а за плати и надоместоци за 6,93%. Раст на трошоците има и за камати и отплата на главнини, по основ на долгови.

Лани, државната ревизија утврдила дека капиталните во однос на 2014 година се намалени за 3,02 отсто додека во однос на 2013 година намалувањето било 4,69%.

Одговор на Министерството за финансии ..

Министерството за финансии доставило забелешки во однос на ревизорскиот извештај.

„Од страна на раководното лице во Министерството за финанасии добиени се забелешки на Нацрт извештајот на државниот ревизор, истите се разгледани и констатирано е дека дел претставуваат известување за утврдените состојби, дел делумно се прифаќаат и дел не се прифаќаат,“ наведува ревизијата.

Од дадените седум препораки по ревизијата во 2014 година, според ревизорот, утврдено било дека четири препораки се во тек на спроведување, една е ецлосно споведена и две препораки не биле спроведени.

Со овој ревизорски извештај е направена ревизија на Основниот буџет за 2015 година, но било опфатено и спроведувањето на препораките дадени во Конечниот извештај на овластениот државен ревизор за 2014 година.