Анализа: Излегуваме од зона на “фискален комфор“ – внимателно со јавните финансии

Парите од новото задолжување се земени -клучно е како ќе се менаџираат, односно трошат во време кога сеуште постојат ризици поради здравствено-економската криза. Ова е ставот на економистите откако Владата ја издаде новата Еврообврзница во вредност од 700 милиони евра – од нив 500 веќе се одлеваат за отплата на Еврообврзницата од 2014 та година. „Порталб“ анализира уште колку ќе се задолжиме годинава и колку досега не чинеа Еврообврзниците на меѓународниот финанасиски пазар.

2021: странски заеми од 870 милиони евра, домашни заеми од 380 милиони евра

Фактот дека Македонија успеа по ниска цена да обезбеди 700 милиони евра зборува дека ликвидноста на земјата е добра, но веќе излегуваме од зона на комоција и потребно е внимателно да се раководат јавните финансии – оценуваат економистите. Годинава, според проекциите од Министерството за финанасии Јавниот долг ќе достигне 63,4% од БДП, параметар кој веќе нема да ја вбројува земјава во умерено задолжени економии.

„Буџетот е ликвиден, може да ги извршува сите свои функции. Како ќе се финансира дефицитот е друго прашање. Очекуваме тоа да се случува како и со години наназад – со задолжувања, односно не само со буџетските приходи. Според стандардите на економската наука – контролирана задолженост е таа до 60% . Ние овој процент го надминавме – што значи не сме во комфорна зона и во иднина ако немаме повисоки стапки на раст, а помали дефицити – тогаш комфорната зона ќе се стеснува“ – вели професорот и еден од поранешните министери за финансии Никола Поповски.

Годинава заемите нема да запрат со оваа нова Еврообврзница. Според податоците од Буџетот, странското задолжување ќе надмине 870 милиони евра, а задолжувањето од домашните кредтитори ќе биде поголемо од 380 милиони евра.

Приливи по основ на задолжување 2021

Домашно задолжување 381 100 000 евра

Странско задолжување 870 600 000 евра

Овие суми на задолжување се неопходни и изнудени бидејќи и годинава македонската економија ќе се соочи со последиците од здравствената криза, коментираат економистите алудираќи на потребата од финансисрање на петте пакети на антикризни мерки со кои им се помага на фирмите и на граѓаните. Според планот на Владата, во следните години се очекува намалување на буџетскиот дефицит како резултат на раст на економијата и намалување на задолжувањата. Сепак – не се исклучени нови еврообврзници како извор на финасирање.

„Во периодот 2021-2025, задолжувањето во странство може да се реализира преку издавање на еврообврзница на меѓународниот пазар на капитал и преку повлекување на средства од поволни кредити од странски финансиски институции и кредитни линии наменети за финансирање на одделни проекти. Согласно основното среднорочно сценарио, просечниот годишен раст во периодот 2022-2025 година изнесува 5,3%, односно економскиот раст во 2025 година се очекува да стигне 5,9%“ – се наведува во новата ревидирана Фискална стратегија.

Осум Еврообврзници “тешки“ 3,5 милијади евра – без камата

Половина милијарда евра од новата Еврообврзница веднаш се исплатени за отплата на Еврообврзницата од 2014 та година – земена со потпис на тогашниот министер за финансии Зоран Ставрески. Од овој заем – на Владата и останаа на раполагање 200 милиони евра. Од издавање на првата Еврообврзница до сега – само по овој основ Владите земаа заем од 3,5 милијарди евра – дел од парите се вратија предвреме со што се направи заштеда по основ на камати.

Прв пат, државата издаде Еврообврзница во 2005, кога со потпис на тогашниот министер за финансии Никола Поповски се обезбеди заем од 150 милиони евра. Каматата изнесуваше 4,625% со рок на доспевање од десет години. Овој заем, односно главницата на еврообврзницата беше исплатена во 2015 година. За оваа еврообврзница беше платена камата од 69,3 милиони евра. Во 2009 та се издаде втората Еврообврзница – министер за финансии Трајко Славевски. Ова беше прва еврообврзница на Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ со вредност од 175 милиони евра. Воедно таа е и досега најскапа еврообврзница, со камата од 9,875%. Рокот на отплата беше 3,5 години. Во јули, 2014 година, Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ, со министер Зоран Ставрески ја изаде третата Еврообврзница во 2014 година – со камата од 3,975% се задолжи 500 милиони евра. Една година подоцна , нова четврта Еврообврзница 2015 та, повтрно со потпис на тогашниот министер за финансии, Зоран Ставрески – 270 милиони евра со каматна стапка од 4,875% и рок на доспевање од пет години, односно до декември 2020 година. Уште една Еврообврзница од мандатот на власта предводена од ВМРО ДПМНЕ – Еврообврзница 2016 година, министер за финансии Кирил Миновски – заем од 450 милиони евра, со каматна стапка од 5,625% и рок на доспевање во 2023 година.

Владата предводена од СДСМ со потпис на министерот за финансии Драган Тевдовски ја издава шестата по ред државна Еврообврзница 2018 та година – 500 милиони евра со каматна стапка од 2,75 отсто. По една година пауза – со засилувањето на економската криза актуелната Влада ја издава седмата Еврообврзница во 2020 та година – вредност 700 милиони евра и камата од 3,675%. На почетокот од оваа година – државата застанува зад осмата по ред Еврообврзница 2021 година – 700 милиони евра со камата од 1,625% – што е историски најниска камата што ќе ја плаќа државата за Еврообврзница.

Извор: „Порталб