Измина првата економско-буџетска година во целиот менаџирана од Владата на премиерот Христијан Мицкоски. Годината која започна со амбициозен план за економски раст, инфлација под 3%, намален буџетски дефицит, зголемени јавни инвестиции, завршува со пораст на трошоци на живот за 4%, раст на БДП од 3,5%, ребалансиран Буџет со намалено ниво на капитални расходи, пишува Порталб. Во 2025 та НБМ доби нов гувернер, на ниво на државата се прогласи кризна состојба во енергетиката.
Заеми за фирми, општини, инфраструктура, борба со инфлација, афера со европските пари од ИПАРД 3
Унгарскиот кредит вреден 1 милијарда евра – по првиот пакет од 500 милиони евра од унгарската Експорт-импорт банка, следуваа нови, уште 500 милиони евра, повторно од Будимпешта – наменети за отплата на доспеани долгови по основ на Еврообврзница. Со ова Унгарија ја „бетонираше“ позицијата на нов стратешки партнер на Македонија. Во годината што веќе измина, земјава доби уште еден стратешки партнер, Велика Британија гарантор на нов заем од 6 милијарди евра – сума која ќе се троши за инфраструктурни проекти и инвестиции во здравството.
Изминатата 2025 та година најголем предизвик и ризик беше инфлацијата која во неколку наврати, на годишно ниво, надмина 4%. Во одредени месеци државата воведе „административни“ мерки за замрзнување и регулирање на маржите но направи и „тестирање“ преку „празнични“, „септемвриски“ и „есенски“ потрошувачки кошници. Додека цените растеа, синдикатите до последен ден од 2025 та „притискаа“ за вонредно зголемување на платите.
„2025 беше година на стабилизација. Инфлацијата се смири, но не се врати на посакуваните нивоа. Растот беше умерен, но не и трансформациски. Монетарната политика остана стабилен сидро во економијата, а фискалната страна повторно се соочи со ограничувања. Во голем дел, годинава ја одбележа обидот да се врати нормалноста по турбулентниот период, но без поголеми структурни придвижувања кои би ја подигнале економијата на повисока брзина“, вели за Порталб економистот, професорот Синиша Наумовски.
2025 та беше целосно прва економска година на Владата која стартуваше со амбициозни планови за јавни инвестиции тешки над 700 милиони евра, буџетски дефицит од 3%, инфлација од 2,8% и економски раст од околу 3,7%. Владата постизборно посегна по ребаланс на буџетот – капиталните расходи се намалија, процените за инфлацијата се зголемија до 3,9% а за економскиот раст паднаа на 3, 5 %. Додека од Владата уверуваа дека економијата е стабилна, јавните пари се трошат дисциплинирано и транспарентно, Брисел во Извештајот на ЕК за напредокот на Македонија адресираше сериозни забелешки за фискалната политика – потреба од фискална консолидација, механизам за подобра наплата на буџетските приходи, нотирање на линеарниот пораст на пензиите за 2 500 денари, стабилизирачки, но сеуште висок Јавен долг.
Економијата се соочуваше и со домашни и со надворешни ризици, велат аналитичарите.
„Ако зборуваме глобално, тогаш дефинитивно ‘тарифните’ војни што САД ги покренаа со повеќе земји во Светот. Сепак, се чини дека работите постепено се смируваат, со што и неизвесноста, барем од овој аспект, се намалува. Намалувањето на каматните стапки на ЕЦБ и Федералните резерви на САД, што укажуваат дека и 2026 година ќе биде релативно поволна за вложувања, заради пониската цена на парите. Иако, тука мора да напоменам дека постојано и постојано се враќа темата на инфлацијата, но и воениот конфликт во Украина, што во последно време прераснува во вистинска Студена војна помеѓу ЕУ и Русија. Сите овие работи се пренесуваат и во 2026г., така што и внимателниот оптимизам е нешто што би очекувал од инвеститорите“, вели за Порталб економистот, Јован Деспотовски, поранешен висок функционер.
Освен со инфлацијата како доминантна тема и ризик, во 2025-та се соочивме и со прогласување на енергетска кризна состојба поради недостиг на мазут и беше донесена одлука за поскапување на струјата.
Во мај 2025 та Народната банка доби нов гувернер – Трајко Славески дојде на местото на Анита Ангеловска Бежовска. НБМ во 2025 та водеше „затегната“ монетарна политика поради одржување на стабилноста на домашната валута. Еден од поважните настани – афери беше запирање на исплатата на средства од ИПАР 3 Програмата поради откривање на корупциски скандал во врвот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството.
Во годината што измина, според Владата се испорача економски раст што ја вбројува земјава во трите водечки европски економии додека според опозицискиот блок 2025-та е економски колабирана година во која дополнително се влоши стандардот на граѓаните.



