Датумот за почеток на пристапните преговори со ЕУ и членството во НАТО се добар сигнал за инвеститорите – бизнис климата значајно ќе се промени во позитивна насока, што ќе влијае и позитивно на економијата во периодот што доаѓа. Но, кризата од КОВИД 19 ќе ја “влече“ економијата надолу, пишува неделната економска анализа на Portalb.mk. Странските меѓународни институции предвидуваат блага рецесија, домашните економисти со оптимизам – ќе останеме во позитивна зона.
Прогнози : од раст 1,2% до рецесија -0,4% ….
Неизвесната странска побраувачка, застојот во дел од производствените капацитети, необновените договори, неизвесноста околу набавката на суровини за преработка како последица на кризата од КОВИД 19 – ова се дел од ризиците кои ги посочиле домашните економисти во најновата Анкета што ја направи Народната банка за инфлациските очекувања и очекувањата за движењето на БДП во периодот што следува. Дополнително, аналитичарите сметаат дека не треба да се занемари и фактот дека сепак оваа 2020 та е изборна година, во која предвремените избори се одложија, но сепак ќе се случат по завршување на здравствената криза. Економистите сметаат дека сите овие фактори ќе го стопат БДП на 1,2% на ниво на целата година – што сепак би значело дека економијата ќе остане во позитивна зона.
„Тековно, анкетираните аналитичари очекуваат раст од 1,2% во 2020 година (надолна ревизија од 2,0 п.п.) и раст од 2,4% во 2021 година (надолна ревизија од 1,1 п.п.), додека во 2022 година се очекува умерено забрзување на стапката на раст на 2,9%. Испитаниците ги поврзуваат ваквите очекувања со: глобалната криза од вирусот ковид-19, неизвесната странска побарувачка и нејзиното влијание врз домашната економија, намалувањето на домашната побарувачка, како и неизвесноста поврзана со парламентарните избори оваа година којашто би се одразила преку воздржаност на домашните инвеститори и пониска кредитна активност“ – се наведува во Анкетата.
Додека Ковид 19 ќе го “урива“ економскиот раст, членството во НАТО и датумот за почеток на пристапни преговори со Европската унија ќе даде позитивен импулс. Овие два историски моментуми за нас, очекувани со децении, според економситите сепак позитивно ќе се почуствуваат по завршување на здравствената криза.
„Од друга страна, аналитичарите очекуваат дека преземените монетарни и фискални мерки, приемот во НАТО, отпочнувањето на преговорите за пристап во ЕУ, како и продолжувањето со капиталните проекти во патната и железничката инфраструктура ќе имаат позитивно влијание врз растот во наредниот период“ – велат од НБМ .
Според оптимистичките најави од Владата, по завршување на најновите рестриктивни мерки со зголемување на времетрањето на полицискиот час на територијата на целата држава, се очекува постепено враќање во “живот“. Но оваа фаза би почнала кон крајот на април, доколку сегашните мерки дадат ефект. Во меѓувреме, со Уредби донесени од Владата почна спроведувањето на вонредните економски мерки за амортизирање на негативните последици. Аналитичарите на Светска банка посочуваат дека ќе бидат потребни посилни реформи со кои ќе се таргетираат одредени сектори.
„Економските и социјалните мерки за ублажување на влијанието од кризата ќе бидат приоритетни додека пандемијата не се стави под контрола, но во периодот на закрепнување по рецесијата ќе бидат потребни дополнителни фискални реформи, реформи во конкурентноста и во управувањето со јавите политики за одржливо забрзување на економскиот раст. Светската банка ја финализира програмата на активности за да ѝ помогне на Северна Македонија да се справи и да го намали влијанието од кризата, што вклучува и нов брз проект како одговор на итните приоритети во здравствениот сектор, но и за заштита на приходите на домаќинствата, како и реструктуирање на веќе одобрени проекти за мобилизирање на средства за поддршка на малите и средни претпријатија. Се очекува овие програми да изнесуваат околу 140 милиони евра“ – посочија од Светска банка.
Според оценките на Светска Банка растот во 2019 година од 3,6 проценти бил изненадувачки во нагорна линија а се нотира и невработеноста која се намали на уште едно историско ниско ниво како резултат на зголемувањето на вработеноста.
„Сепак, краткорочната перспектива – слично на другите земји во регионот – е негативна поради кризата поврзана со КОВИД-19, која ќе предизвика рецесија во 2020 година“ – се нотира во новообјавениот Извештај на Светска банка во кој за годинава се прогнозира рецесија од 0,4 отсто, а за наредната 2021 година раст од 3,7 додека во 2022 година раст од 3,6 отсто.
Извор: Порталб.мк