[Анализа] 40% од законите се носат по скратена постапка, пад на транспарентноста на собраниските комисии

Од почетокот на април до крајот на јуни Собранието на Северна Македонија скоро 40 проценти од законите ги донело по скратена постапка, додека Владата, далеку повеќе од пратениците, се јавува како доминантен предлагач на законите, покажува анализата на работата на законодавниот дом која ја спроведува Мост.

Од вкупно 51 нов и изменет закон, 31 се донесени во редовна додека останатите се по скратена постапка.

Сепак, процентот на закони донесени во редовна постапка е за два пати зголемен во споредба со претходниот анализиран квартал, што според Мост претставува враќање на позитивната практика на усвојување на поголем број од законите во редовна постапка.

Дури 43 од законите биле донесени на предлог на владата, а само 8 на предлог на пратениците.

Собранието било најактивно во мај, со вкупно донесени 27 закони, додека најмалку закони во овој период биле донесени во јуни – само 11.

Во анализата се наведува дека иако според Националната програма за усвојување на правото на Европската унија (НПАА), во периодот на мониторингот не бил предвиден ниту еден закон за хармонизација на домашното право со правото на ЕУ, сепак биле донесени 18 вакви закони, што, според Мост е индикатор за посветеноста кон европската агенда.

Мониторингот ја анализирал и работата на собраниските комисии, а таму најзагрижувачки податок е падот на транспарентноста. Во периодот на мониторинг само 4 од 15 комисии добиле над 50 индексни поени за транспарентност, што претставува намалување во споредба со претходната анализа кога овој услов го исполнувале 7 комисии.

Најтранспарентна била Комисијата за транспорт, врски и екологија, со вкупно 76 индексни поени, додека најмалку транспарентни, биле Комисијата за надзор над работата на УБК и Агенцијата за разузнавање и Комисијата за прашања на изборите и именувањата, кои имаат 0 индексни поени. Шест комисии во периодот на мониторниг не одржале ниту една седница.

„Само 5 комисии ги имаат усвоено сите записници во набљудуваниот период, што претставува иста бројка како и во претходниот период; Објавени се 1 стенографска белешка и 1 извештај од одржани 3 јавни расправи, што претставува продолжување на трендот на непочитување на одредбата од Деловникот за подготвување на извештаи од расправите; Транспарентноста бележи константен пад во последните 4 извештаи, почнувајќи од 54 индексни поени просечно за кварталот јули-септември 2018 и завршувајќи со 37 поени во овој квартал“, се наведува во заклучоците од анализата.

Целосната анализа може да ја најдете на следниов ЛИНК.