Анализа: 2021 – година на ценовно “цунами“ кое ќе ја зафати и следната година

Поскапи основни прехранбени производи, метали, горива – цените растат со поголемо темпо од прогнозите, а најновите оцени упатуваат на тоа дека ценовното цунами ќе ја зафати и 2022 та година, пишува „Порталб“. Според најновите ревидирани прогнози на НБМ годинава инфлацијата ќе достигне 3,1%. Во меѓувреме – сите податоци мерат раст на цените за крајните потрошувачи преку раст на продажните цени на производителите.

Речиси си во сите индустрии – ценовен раст на продажните цени на производите…

За дури 13,8% во септември во однос на истиот месец лани се зголемени продажните цени на производителите од индустријата. Овој пораст веќе се рефлектираше и во секојдневието на граѓаните – трошоците на живот во октомври во споредба со истиот месец лани се зголемени за 4,1%.

Речиси во сите индустрии има пораст на продажните цени на призводителите – најмногу во енергетскиот сектор. Така, продажните цени од индустријата со електрична енергија, гас, климатизација се зголемени за 24,5%.

Продажни цени на производителите

Енергија, гас, климатизација 24,5%

Рударство 14,6%

Преработувачка индустрија 13,0%

Продажните цени значајно се зголемени во прехранбената индустрија за 5,3%, производство на кожа за 4,8%, производство на хемиски производи 10,4% . Драматичен раст на продажните цени за цели 55,2% има во индустријата за производство на метали, а во ек на енергетска криза продажните цени во секторот вадење јаглен и лигнит се со раст од 13,8%.

Овие показатали во индустриите веќе се одразија и за крајните потрошувачи – вградени во крајните производи. Во октомври годинава во споредба со истиот месец лани – трошоците на живот за транспорт се зголемени за дури 18,4%, за храна и безалкохолни пијалаци за 4,6%, за масла и масти 24,9%, за горива 31,9%, гас 33,3%. Според официјалната статистика – зголемени трошоци има речиси за се што значи “основна“ живеачка – леб, масло за јадење, зеленчук, бензин, гас, транспорт.

Трошоци на живот

Течни горива 31,9%

Гас 33,3%

Масла и масти 24,9%

Храна и безалкохолни пијалаци 4,6%

Транспорт 18,4%

Раст на цените и на почетокот од 2022 година …

Оваа 2021 та завршува со ценовно цунами – надлежните тврдат дека состојбата се следи и дека сеуште инфлацијата е умерена. Во последната ревидирана прогноза, НБМ ја зголеми инфлацијата на ниво од 3,1% за годинава, а за следната очекува намалување на 2,4%.

„Ризиците за инфлацијата главно се поврзани со неизвесноста за светските цени на примарните производи, а пред сѐ на енергенсите, како и со подолготрајни нарушувањата на глобалните синџири на снабдување коишто ја ограничуваат понудата на стоки, што упатува на потреба од будно следење“ – нотираат од НБМ.

Гувернерката Анита Бежоска соопшти дека нема да се преземат инстант мерки бидејќи ценовната стабилност се “брани“ со историско највисоко ниво на девизни резерви од 3,6 милијарди евра. Сепак – анализите укажуваат на тоа дека годинашниот тренд на ценовен раст ќе се прелее и во 2022 та година.

„Тековно се очекува значително поголем раст на цените на прехранбените производи за оваа година, додека за следната година се очекува умерен раст, наместо мал пад на цената на пченицата и малку помал пад на цената на пченката. За цените на металите за 2022 година се предвидува нивен раст, наспроти претходно очекуваниот мал пад. И понатаму се очекува значителен раст на цената на нафтата во 2021 година, но посилен од проектираниот во април и мал раст, наместо пад, во 2022 година. Нагорната ревизија е одраз на зголемената глобална побарувачка, при намалена понуда“ – се наведува во најновиот Квартален извештај на НБМ.

„Порталб“ во повеќе наврати анализираше дека годинава се соочуваме со раст на цените кои влијаат на “топење“ на животниот стандард, пренесувајќи изјави на експерти, но и на узвоници кои алармираат дека уште во летото се соочуваат со значително зголемени цени на увозните производи, на репроматеријалите за производство, на горивата – што предизвика раст и на крајните цени за потрошувачите.