Ана Костовска: Не научив да молчам кога треба

Ана Костовска: Не научив да молчам кога требаТворецот во театарот мора да има слобода и да не се плаши да ги коментира случувањата и личностите што ни ја кројат судбината, вели Ана Костовска во интервју за Нова Македонија.

Овдешната публика најмногу ја памети како прекрасниот глас што ги пееше песните од „Бушава азбука“ или хитовите на култната група од 1980-тите години „Бастион“.

Малкумина знаат дека Ана Костовска е искусна актерка, која играла и улоги од Шекспир, од Молиер, преку ликови од грчките драми до дела од современи автори, и тоа на сцените на некогашната југословенска држава и во Европа.

За себе вели дека актерството го учела од вистинските волци, како актерот Раде Шербеџија или режисерите Љубиша Ристиќ и Љубиша Георгиевски. По долгото отсуство од Македонија, таа повторно се врати дома и оствари повеќе или помалку забележани улоги во филмовите: „Јас сум од Титов Велес“ на Теона Митевска, „Големата вода“ на Иво Трајков, „Сенки“ на Милчо Манчевски, пишува весникот.

Костовска неодамна го заврши и снимањето на филмот „Атомски здесна“ на српскиот режисер Срѓан Драгојевиќ, во кој ја игра впечатливата улога на Олга, а во Драмскиот театар наскоро ќе ја видиме и во претставата на Љубиша Гергиевски, „Далај Мама“.

Н.М: Играте во новиот филм на српскиот режисер Срѓан Драгојевиќ, „Атомски здесна“. Какво беше искуството од соработката со овој режисер?

– Улогата ја добив на кастинг. Соработниците на Срѓан Драгојевиќ во Скопје ме предложиле со уште една или две македонски актерки, па со камера од телефон снимивме едно парче од сценариото. Веќе следното утро ме известија дека ме одбрале мене, а за неколку недели почна снимањето во Улцињ, во фантастичен хотелски комплекс покрај морето. Искуството беше фантастично. Филмот има одлична актерска екипа во која има актери од цела некогашна Југославија. Со нетрпение ги очекувам премиерата и реакциите на публиката. Според последните информации, премиерата во Белград треба да биде во почетокот на април, а во Скопје некаде кон крајот на април.

Н.М: Уште како млада актерка пред околу две децении решивте да си заминете од Скопје. Зошто го направивте тоа?

– Затоа што го носев товарот на дете на познат актер. Не бев сигурна дали навистина вредам. По предметот актерство на факултетот секогаш ја имав највисоката оцена, но секогаш се плашев дека сум привилегирана поради татко ми. Имав потреба да се докажам и пред себе и пред светот, и тоа исклучиво преку тоа што го поседувам. Се разбира ме водеа и мојот авантуристички дух и желбата за освојување нови простори. Мајка ми тогаш ми кажа: „Оди, дете, Скопје не ти гине!“. И не погреши, Скопје навистина не ми гине. Врската е судбинска!

Н.М: Честопати сте мошне остри во своите ставови за многу нешта. Колку вашата искрена и директна природа ви помогна во животот?

– Брзиот јазик не помага во животот, но човек не може да излезе од својата кожа. И покрај многубројните непријатности и недоразбирања, не научив да молчам кога треба. А и не сакам. Што значи тоа? Според мене, ние сега живееме во време кога царува лицемерството и секој се гледа само себеси.

Н.М: Колку политиката ја има во театарот денес или обратно?

– Театарот во основа треба да е огледало на животот и негов коментар, така што политиката треба и мора да е предмет на работа, но не површно и тривијално. Творецот во театарот мора да има слобода и да не се плаши да ги коментира случувањата и личностите што ни ја кројат судбината. Последниве години ми се чини акцентот е повеќе на комерцијални проекти, од кои постојано едни исти материјално профитираат, си делат награди, улоги…

Прочитајте го целото интервју во Нова Македонија со актерката Ана Костовска на следниот линк.