Ана Јовановска, уметница: Уметноста е материјализација на чувствувањето на светот

Младата уметница Ана Јовановска, утре ја отвора својата изложба „Буквата за себе и човекот“. Во неа, таа ја разработува структурата на јазикот и неговото писмо, истовремено претставувајќи ја буквата како слика. Во интервју за Радио МОФ, Јовановска зборува повеќе за изложбата и мотивот зад неа.

 Од каде идејата твојата уметност да ја третира токму симбологијата и самиот изглед на буквите? Зошто ја избра оваа тема?

 Сопственото искуство постепено го вроди прекажувањето на светот околу мене преку структурата на јазикот и неговото писмо, преку колажирање и дисецирање на истиот по негов лик. Како социјални суштества, општественото уредување за нас живее и се управува на лингвистичка основа. Верувам, исто така, дека нашето доживување е ограничено од јазикот во кој го живееме доживувањето. Комуникацијата е клучна кога станува збор за меѓучовечкиот однос, а оттаму и односот човек – социјална средина – општество. Буквата е сликата на гласот, додека симболот е сликата на човековото искуство во репрезентацијата на истата, а и двете покрај нивната примарна функција, сепак се, нели, слики. Ваквата моќност на повеќедимензионалноста на, единствено, човековиот јазик ја ставам како вид визуелно мерило за да ја покажам сеопштото присуство на појавата моќ.

„Ова визуелно истражување е обид за разработка на човековиот допринос за неговата човечкост, осносно за човековата природа во човековото општество на паралела со јазикот и прикажување на поврзаноста на структурите во општеството преку структурите кои ги нуди јазикот“, наведено е во соопштението за изложбата. Кој е заклучокот на ова визуелно истражување?

 Истражувањето само по себе е заклучокот, односно целта. Да се увиди, испита, искуси, полемизира, претпостави, предложи, покаже и на крајот изведе во визуелно/ликовно дело, кое додатно му дава уште една тежина. Имено, заклучокот е веќе постоечки, јас како автор го правам очигледен.

Што сé содржи изложбата? На каков начин е прикажана пораката која сакаш да ја пренесеш преку неа?

Изложбата ja истражува и прикажува пораката преку традиционална графика (со техники како акватинта, линорез, сува игла, спуштено ниво, акрил) и нетрадиционална графика која има слобода во третирањето (неграфички техники), колажирање и „објективизирање“ и употребата на поинакви материјали (клишеа и подлоги) како важни аспекти од преносот на идејата, потоа објекти и видео.

Постојат истражувања кои велат дека луѓето зборуваат на универзален јазик, и дека основните предмети и појави кои како деца први ги дознаваме, на сите јазици звучат исто. Како уметник кој разработува слична тема, сметаш ли дека постои универзалност на човечкиот јазик? Колку уметноста може да помогне за универзално, невербално разбирање меѓу луѓето?

 Универзално е чувството, јазикот не. Уметноста пак, е ништо друго од материјализација на тоа чувствување на светот. Уметноста комуницира идеи и го проширува разбирањето за истиот.

Како млада уметница која живее и твори во Македонија, сметаш ли дека можеш да егзистираш исклучиво од уметност? Има ли кај нас сцена и почитувачи на ликовната уметност?

Вработена сум како графички дизајнер, веројатно тоа кажува дека не може баш исклучиво да се егзистира од уметност. Секоја чест на остварените во тој поглед, верувам тоа е желбата на секој уметник/ца. Почитувачи и љубители има, но морам да речам дека сцената е сѐ уште централизирана во Скопје. Секогаш е добредојдена уште повеќе разноликост.

На какви проекти имаш работено досега?

Освен изложби, ликовни колонии и настани, имам држено работилници и предавања и учествувано на дебати, трибини и младински размени и тренинзи. Волонтирам. Пишувам и правам експериментални видеа… Идеите и проектите самите си го одредуваат медиумот во кој ќе работам, тематиката обработува проблем (визуелно или поинаку) најчесто социјално засегнат.

Што понатаму? Подготвуваш ли нова изложба?

 Понатаму… Изложбава е договорена да се постави во Куманово на 25-ти ноември во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ и имам уште неколку закажани групни изложби на кои ќе учествувам во земјава и настрана. Воедно, се спрема бесплатна Арт школа со Фото кино клуб „Козјак“ од Куманово, а јас чекам прилика да се ослободам малку и би сакала да успеам да стигнам да остварам уште пар замислени проекти и идеи до крајот на годинава.

Стефанија Тенекеџиева