Ана Биалас: Источна Европа преку петиции води најосновни човечки битки, а Западна се бори за феминизам и ЛГБТИ права

Полската активистка Ана Биалас гостуваше на овогодинешното издание на Engage Конференцијата за социјален активизам како претставик на change.org. Во интервју за Радио МОФ, таа зборува за најголемите победи постигнати со петиција, разликите меѓу Источна и Западна Европа, како и предизвиците со кои се соочува најголемата онлајн социјална платформа на светот.

Што е change.org и како оваа платформа стана влијателна во речиси 200 земји низ светот?

Change.org е најголемата платформа за петиции на светот која му овозможува на секого, секаде и секогаш да ја направи промената која сака да ја види, преку започнување или потпишување на петиции за проблеми кои нему му се важни.

Беше основана во 2007 година, од двајца студенти на Стенфорд. На почетокот беше само платформа која информираше за прекршување на човекови права, но се испостави дека самото информирање не е доволно за нешто да промени. Така произлегла идејата за оваа платформа, пренаменета во 2010. Во 2012 почнавме да се шириме, па сега change.org постои во 196 земји, а имаме канцеларии во 18 држави. Неверојатно е, но имаме повеќе од 18 милиони корисници, а бројот расте секој ден.

За Русија, односно државата во која јас работам, можам да кажам дека на луѓето многу им треба алатка да кажат што им пречи гласно и да променат нешто, па ова е причината зошто нашата платформа е толку успешна.

Од петиција до победа – што мислите дека е најважно за успешна петиција или кампања?

Токму тоа е работата – вие користите два збора: петиција и кампања. За мене, петицијата е само документ. Некои луѓе мислат дека е доволно само да објават текст, да соберат потписи и тоа е тоа. Но, тоа не е кампања. Само кога луѓето разбираат дека паралелно со петицијата треба да водат и кампања, се случуваат победи. Луѓето почнуваат да разговараат со своите потписници и да организираат настани.

Мислам дека тоа е клучот – да се работи со потписниците и заедниците, и да се биде сплотен во таа идеја – што сите може да направиме за да постигнеме нешто.

Можат ли овие петиции да имаат правно обврзувачко својство, или пак change.org служи само како курир во пренесување на барањата на граѓаните?

Петициите на change.org немаат правосилна моќ, бидејќи во многу земји, како на пример во Русија, има посебна институција кај која се регистрираат петициите па се чека да се одобри барањето. Кај нас, петициите функционираат на друг начин – нивната главна намена е да започнат јавна дискусија во општеството и да ги поврзат луѓето кои се борат за иста цел.

Ти работиш за Русија и Источна Европа. За какви каузи најчесто се започнуваат петиции таму?

Во Русија има повеќе од 12 милиони корисници на нашата платформа, како и повеќе од 3 илјади нови петиции секој месец. Само двајца од мојот тим работат на сите тие луѓе.

Во Русија се најпопуларни проблемите со здравственото осигурување, здравствена нега, проблеми со нега на деца, проблеми на лица со попреченост и слично. Социјалните проблеми се секогаш најпопуларни. Многу ретко имаме политички петиции, иако можеби би помислиле дека тоа е главниот проблем.

Многу голем предизвик за овој регион е што луѓето во Русија и Источна Европа немаат доверба дека можат да променат нешто, па сè уште се плашат да зборуваат гласно поради политичката состојба. Иако е предизвикувачко, во исто време е и возбудливо да се работи за овој регион, бидејќи ретко може да се направи промена во ваква инертна земја.

Може ли да се забележи разлика меѓу петициите започнати во источните и западните земји од Европа?

Секако. На пример, во Русија нема да надете ниту една кампања за права на жените, или права на ЛГБТИ заедницата или бегалците. На Западот има еден куп такви петиции, кои во Русија никој не би ги потпишал. Чести се и политичките и проблемите со корупција. На Истокот, се потпишуваат петиции за основни човечки приказни, а на Запад се работи со повисока политика.

Според тебе, која е најуспешната приказна која сте ја имале на платформата?

Тешко е да се одлучи, бидејќи мислам дека сите петиции кои успеале се неверојатни. Сите тие промениле нешто. Но, мислам дека кампањата која изврши најголемо влијание, беше токму онаа за која зборува и на Енгејџ конференцијата – за пациентите на интензивна нега. Минатата година, оваа петиција беше започната од пензионерка која бараше да им се овозможи на семејствата на пациентите на интензивна нега да можат да ги посетуваат. Таа успеа, само една жена и една петиција направија промена во цела Русија, бидејќи огромен број на луѓе не можеле да ги видат своите драги личности пред да починат или да им бидат поддршка додека се на интензивна нега. За мене ова е неверојатно – една пензионерка и нејзината приказна направија огромна разлика за најголемата држава на светот.

Токму тоа е и најмоќниот двигател за социјална промена – лична приказна. Многу поголем е ефектот кога на проблемот ќе му се даде лице и име.

На што сега работи change.org? Дали можеби планирате нови можности и функции на веб страницата?

Моментално се фокусираме на заедниците. Некои од луѓето кои започнуваат петиции на Фејсбук организираат средби со потписниците или протести, па полесно и поедноставно е таму да дикутираат за тоа. Затоа, сега се обидуваме Фејсбук групите да станат дел од самите петиции. Веќе имаме пејџови на сите социјални мрежи, но сакаме ова да го прошириме.

Ј.Ј/С.Т