Ана Албот: Пешачиме по рутата на бегалците за тие еден ден да се движат слободно и без страв

Ана Албот е новинарка и активистка од Полска која неколку години живее со своето семејство во Германија. Згрозена од она што се случува во Сирија, таа пред три месеци ја покрена иницијативата „Граѓанскиот марш за Алепо“. Се повеќе луѓе од различни држави се вклучуваат за да пешачат по рутата на бегалците, упатувајќи силна порака – за мир и солидарност кон бегалците. Групата деновиве ќе биде во Србија, а за три недели ќе пристигне во Македонија. Овде, тие ќе се задржат десет денови.

Во разговор за Радио МОФ, Албот вели дека очекува поддршка од граѓаните бидејќи сепак, ова што го прават тие е со цел да нагласат дека секој заслужува да живее во слобода и без страв.

Како започна иницијативата, кога почувствувавте дека треба да направите нешто во врска со бегалската криза?

Се чувствував многу беспомошно за конфликтот во Сирија, чувствував дека седам, дека ме погодува и ме повредува, не можев да ги гледам видеата од војната, но чувствував дека е невозможно да го сменам тоа. Јас не сум политичар, или влијателна личност, сепак, верувам дека секој може да направи промена ако навистина го сака тоа. Си реков дека ќе пробам, можеби нема да успее, никој нема да ми се приклучи, но ќе се обидам. Се додека не се обидам, не е неуспех. Пешачењето е најлесната работа што луѓето може да го направат, не барам од луѓето да купат авионски билет до Сирија. За пешачењето треба време, но секој може да се приклучи, дури само симболично.

Исто така, пешачејќи запознавате многу луѓе, кои не се согласуваат со тоа, кои не ги сакаат бегалците во Европа, кои мислат дека е глупо да се направи тоа за некој друг, луѓе кои мислат дека Сирија не е наша работа. Многу од нив го менуваат своето мислење откако ќе разговараат со луѓето од маршот. Речиси 3 000 луѓе се вклучија досега во маршот, сите со различна мотивација. Има луѓе од 27 држави и некои имале искуство со војна, или кои само сакаат да покажат солидарност. Многу Сиријци ни се приклучија, ни покажуваат дека се благодарни и дека би сакале да се вратат дома, во својата мирољубива држава. Тие ни покажуваат дека сите имаме иста цел, повторно да има мир во Сирија.

Иницијативата е активна веќе три месеци. Какво е досегашното искуство?

Започнавме во Берлин, од најголемиот бегалски камп, симболично се збогувавме со луѓето таму и тргнавме. Поминавме од Германија до Чехословачка. Таа е многу скептична во однос на бегалците, така што и самите луѓе беа скептични за нашиот марш, но за мене беше најважно што зборувавме со децата во училиштата зошто го правиме тоа. Потоа, во Австрија, запознавме многу Сиријци кои нè примија и нè повикаа во своите домови. Следно, стигнавме во Словенија, Хрватска, па сакавме да одиме преку „бегалската рута“ во Србија, но во последен момент решивме да ја вклучиме и Босна и Херцеговина, да го посетиме Сараево. Тоа е симболично место и мислам дека е важно да се искаже нивната солидарност кон некој што е под опсада, и беше добра одлука. Од Босна, пред два дена тргнавме кон Србија, а потоа следува Македонија, Грција, Турција и Сирија.

Споменавте дека сите волонтери што се вклучени во маршот имаат своја приказна зошто се вклучиле. Која би била вашата приказна? 

Многу луѓе од Полска се приклучија на маршот бидејќи не се согласуваат со полската влада која не ги прима Сиријците, па сакаа да направат нешто за нив, но тоа не можеа да го направат во Полска. Многу Германци и Австријци се приклучија бидејќи имаат сириски пријатели и добро знаат што значи тоа за нив. Луѓе од различни држави се приклучуваат, понекогаш има и луѓе од 60-70 години, но најстариот на маршот мислам дека беше 97 години. Тоа беше Германец кој се уште се сеќаваше на времето кога имаше две Германии и рече дека тоа било најлошото што им се случило во нивниот живот. Има многу различни луѓе, но сите со силен карактер, бидејќи е важна одлука да се спакувате и да го напуштите нормалниот живот за да се приклучите на маршот. Но, она што е заедничко за нас е тоа што веруваме дека можеме да смениме нешто. Убаво е да се биде дел од група на луѓе кои размислуваат така.

За време на форумот, беше спомнато дека потребно ни е отворено граѓанско општество кое треба да се заснова на демократски вредности, а за теми како бегалската криза да се дискутира постојано. Од друга страна, балканската рута е затворена за бегалците, како и границите на повеќе држави. Според вас, колку ова е решение?

Јас немам решение за ткн. бегалска криза. Веројатно да ја имав досега ќе бев во друга позиција, но верувам дека сите може да се обидат да направат нешто во нивното поле, на нивно ниво. Додека пешачевме, се задржавме на границата помеѓу Словенија и Хрватска, каде беше поставена оградата. Направивме настан на кој секој од нас напиша пораки што таа значи за нас. На пример, „оваа ограда ми пречи“, „оваа ограда ме боли“, а нашиот пријател Сириец напиша „оваа ограда е изградена за мене“.

Теренот по кој пешачите е различен, па кои се најчесто тешкотиите со коишто се соочувате за време на маршот?

Одлучивме да пешачиме помеѓу 20-30 километри секој ден, за да биде возможно за секој. Имаме тим што го планира патот, каде ќе одиме, но исто така, внимаваме да не сме на главните патишта, да не ги загрозуваме луѓето и понекогаш имаме убави планински патеки. Одиме низ села каде се одмораме. Пејзажите се менуваат, исто и времето. На почетокот беше навистина тешко со зимата во Чехословачка и Австрија, а сега е убаво и е како да сме на одмор.

Што откако ќе пристигнете во Алепо?

Имаме тим кој размислува за тоа, кои доаѓаат од различни невладини организации во Сирија и на граница. Тоа е многу тешка тема бидејќи ако сме на границата утре, секако дека нема да може да поминеме на безбеден начин. Различни групи нè советуваат да се заштитиме од повеќе страни, но тоа не е она што го сакам. Ние пешачиме ЗА луѓето во Алепо и другите сириски градови, за луѓето слободно да се движат без заштита од никој. Ако ние одиме во државите и сме заштитени од режимски војски, тогаш нема смисла тоа што го правиме. Тешко е да се одговори, не знаеме што ќе се случи во Сирија идната недела, а не пак, во август кога ќе пристигнеме таму. Но, името на маршот е „Граѓански марш за Алепо“, има ЗА, наместо ДО со намера. Дури и да има примирје и демократија утре во Сирија, ние се уште ќе пешачиме бидејќи тоа што се случуваше во изминатите шест години не треба да се заборави.

Какви реакции очекувате од луѓето во Македонија? 

Повеќепати сум била во Македонија, така што не сум загрижена за гостопримството, бидејќи никогаш не сум имала проблеми во Македонија. Иако сега не е лесен период за државата, се надевам дека луѓето се уште имаат енергија да бидат солидарни, дека ќе ни се приклучат на поголемиот настан во Скопје, но и во помалите градови, па дури и за еден ден.

Е.П.