Амстердам забранува рекламирање на фосилни горива

Амстердам забрани реклами од авио компании и автомобилски фирми кои користат фосилни горива, пишува Еуроњуз.

Ова значи дека возилата кои користат фосилни горива, како што се бензинските автомобили и авионските летови, повеќе нема да се рекламираат во метро-станиците низ Амстердам или во центарот на градот.

Новиот закон следи по реакциите на над 50 локални организации кои бараат Амстердам да престане да користи фосилни горива.

„Одлуката за забрана за рекламирање на фосилни горива од метро-станиците доаѓа во клучен момент во борбата против климатските промени. Рекламите што ги прикажуваат фосилните горива како нормални, го влошуваат нарушувањето на климата и немаат место во град – или држава- што е во согласност со Париз “, вели Фемке Слигерс, координатор на иницијативата Reclame Fossielvrij, која е против рекламирање на фосилни горива.

Иако холандската кампања беше насочена само кон главниот град, има знаци дека истата оваа иницијатива може да се прошири и во другите поголеми градови во Холандија, како што се Хаг, Ротердам и Утрехт.

Низ Европа, исто така се појавија неколку кампањи против рекламирање на фосилни горива, кои добија значителна поддршка од јавноста.