АМСМ најави посебни паркинг места за бремени жени и возила во кои се превезуваат деца под три години

Авто-Мото Сојуз на Македонија (АМСМ) најави дека во текот на 2019 година на цела територија на Македонија ќе го спроведуваат проектот „Car Space Baby Place – Безбедни семејни паркинг-зони“ со кој е планирано обележување на посебно паркинг-место на паркинзите, резервирано за бремени жени и возачи на возила во кои се превезуваат на деца до тригодишна возраст.

Главна цел на проектот е да се подигне свеста за безбедност во сообраќајот на ранливите категории учесници, особено на бремените жени и нa возачи на возила во кои се превезуваат децата до тригодишна возраст. Статистиките покажуваат дека бројот на сообраќајни несреќи во кои се повредени родители или деца до тригодишна возраст се поразителни, па од АМСМ соопштуваат дека токму затоа го посветуваат вниманието токму на овие целни групи.

„Според проектот, предвидено е возилата на целните групи да бидат обележани со налепници кои ќе се издаваат во времетраење од една година. Исто така, се планира издавање брошура со совети од медицински аспект, подготвени од страна на Директорот на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, асс. д-р сци. Викторија Јовановска, и од стручен аспект подготвен од страна на Деканот на Факултетот за безбедност, проф. д-р Никола Дујоски. Оваа брошура ќе послужи за едуцирање на бремените жени и родителите на деца до тригодишна возраст за тоа како да се однесуваат во сообраќајот и  да бидат побезбедни“, наведуваат од АМСМ.

За проктот да ги постигне максималните резултати, компанијата склучи меморандум за соработка со Министерство за внатрешни работи, Министерство за транспорт и врски, ЗЕЛС, Факултетот за безбедност и Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство, а со оваа иницијатива АМСМ успеа да издејствува да се направи дополнување на Правилникот за сообраќајни знаци, опрема и сигнализација на пат.

„Проектот е поддржан од ФИА Програмата за зголемување на безбедноста во сообраќајот, а АМСМ со вклучувањето во Декадата на акција за безбедност во сообраќајот на Обединетите нации 2011-2020 година, успешно реализира низа проекти од овој вид во нашата држава. Воедно, се обидува европските законски регулативи и практики да ги спроведе кај нас на локално ниво и со тоа да влијае во државните институции и да ја добие поддршката од највисоките тела во државата. АМСМ континуирано работи во имплементирање на проекти за безбедноста во сообраќајот, сè со цел да се намалат глобалните црни статистики и бројките од 5 милиони загубени човечки животи и 50 милиони повредени лица во сообраќајот годишно. Токму и со овој проект АМСМ ќе помогне во имплементација на европската законска регулатива во однос на прашањето за бремените жени и семејствата со деца до тригодишна возраст“, посочуваат од АМСМ.