Amnesty International – Норвешка со писмо до Груевски за нападот во Дамар

Норвешкиот Хелсиншки комитет (НХЦ), норвешката ЛГБТИ организација (ЛЛХ) и Amnesty International – Норвешка, на 4 ноември испратиле писмо до премиерот Никола Груевски, во кое ја изразуваат својата загриженост за состојбата со ЛГБТИ лицата во Македонија, по последниот напад врз кафулето „Дамар“, информираат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Во демолирањето на кафе барот во Старата скопска чаршија, две лица се здобија со повреди по телото и главата  за време на прославата по повод двегодишнината од отворањето на ЛГБТИ Центарот за поддршка.

Трите организации ја повикуваат македонската Влада, Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство и надлежните судови јавно да ги осудат сите акти на насилство, да спроведат соодветна истрага на кривичните дела поттикнати од омраза и соодветно гонење на сторителите.

– Ова е шести напад врз ЛГБТИ Центарот за поддршка од неговото основање пред две години. Претходните напади вклучувале навреди, тепања, каменувања и опожарувања. До сега, соодветна истрага е спроведена само во еден од овие случаи, со што на хомофобичните и трансфобичните сили им се остава впечаток дека кривичните дела поттикнати од омраза кон ЛГБТИ лицата може да поминат неказнето.Со претензии да биде вклучена во преговорите за членство во ЕУ, од Македонија се очекува да покаже доследност во исполнувањето на обврските за почитување на човековите права на сите граѓани. Сепак, не можеме да видиме дека земјата презема значителни чекори во насока на решавање на главните предизвици по овие прашања кои беа посочени во Извештајот за напредокот на Македонија: ЛГБТИ лицата се жртви на кривични дела поттикнати од омраза, говор на омраза, хомофобија и трансфобија и отежнати услови за работење на граѓанските организации, се вели во писмото.

Тие потсетуваат дека легислативата за заштита од дискриминација не ги вклучува сексуалната ориентација и родовата припадност, а истите не се вклучени ниту во легислативата за кривични дела поттикнати од омраза, како и дека Македонија доби исклучително критички забелешки од Меѓународната асоцијација на геј, лезбејки, бисексуалци, трансексуалци и интерсексуалци во нивната оценка на состојбата со ЛГБТИ лицата во Европа во 2014 година. Од вкупно 49 земји кои беа предмет на оценка, само Русија, Азербејџан, Ерменија, Монако и Украина беа оценети полошо од Македонија.

– На 27 август, Собранието изгласа нацрт-амандмани на Уставот со кои бракот се дефинира како зедница помеѓу маж и жена. Конечното усвојување на уставни измени се очекува кон крајот на есента. Важно е да се забележи дека Западен Балкан дава и позитивни примери, главно како резултат на огромните напори на граѓанското општество и активистите во регионот. Усвојувањето на закони со кои ќе се забрани дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација, како и вклучувањето на сексуалната дискриминација во дефиницијата на кривичните дела поттикнати од омраза, бележи позитивен напредок во регионот. Меѓутоа, сè уште не се дава доволен осврт на вклучувањето на родовиот идентитет и имплементацијата е на незадоволително ниво. Паради на гордоста оваа година се успешно одржани во Хрватска, Србија и Црна Гора. Иако со референдумот во Хрватска во 2013 година се усвоија уставни измени и дополнување со кои бракот се дефинира како заедница исклучиво помеѓу маж и жена, скорешниот Закон за животно партнерство им ги дава на истополовите заедници речиси истите права кои ги уживаат брачните другари, порачуваат организациите.

Организациите исто така ја повикаа Владата да ја исполни својата обврска за почитување на човековите права и темелните вредности на Европската конвенција за човекови права, конкретно Член 14 кој пропишува уживање на правата признати со Конвенцијата без никаква дискриминација. Писмото до премиерот Груевски, кое е испратено и до министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и до јавниот обвинител, Марко Зврлевски, може да го погледнете на следниот линк.