Амнести за Македонија: Корупција во власта и напади врз независните медиуми

Објавувањето на ткн. „бомби“ од страна на опозицијата не само што откри докази за корупција во власта, туку покажа и дека постои распространет таен надзор врз граѓаните, се вели во годишниот извештај на Амнести Интернершнл за состојбата со човековите права во светот. Во него се забележува дека властите не успеале да ги почитуваат правата на бегалците и мигрантите, вклучувајќи ја и употребата на незаконско приведување и прекумерна употреба на сила.

„Политичка криза следуваше по објавувањето на аудио снимки од разговорите меѓу министрите, членовите на владејачката партија и јавните службеници. Снимките, кои беа објавени од страна на Зоран Заев, лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) откри владина корупција, злоупотреба на службената должност, изборна измама и недостаток на почитување на човековите права и владеењето на правото, како и мешање во независноста на судството.

Зоран Заев , заедно со други беше обвинет за злосторства, вклучувајќи шпионажа; Владата тврди дека снимките се фабрикувани од страна на странски разузнавачки служби. Во мај, со масовни демонстрации премиерот беше повикан да поднесе оставка по наводното соучество во прикривање одговорност за убиството на еден млад човек за време на демонстрациите во 2011 година. Министрите за внатрешни работи и директорот за безбедност и контраразузнавање, поднесоа ставка во мај“ пишува во Извештајот.

Во однос на слободата на говорот, Амнести потсети дека стотици новинари биле дел од прислушуваните лица од власта, а ги спомна и нападите врз независните медиуми.

„Се проценува дека над две илјади новинари биле следени од владата. Објавените разговори укажуваат на индиректно финансирање на провладини медиуми и политичко влијание преку назначување новинари и преку новинарската содржина. Продолжуваат и нападите врз независните новинари: во април новинарот кој критички ја опсервира работата на власта Борјан Јовановски добил смртни закани и во јули Саше Ивановски беше туркан од вицепремиерот. Истражувачкиот новинар Томислав Кежароски беше ослободен од притвор за клевета во јануари “ стои во Извештајот.

Во извештајот на меѓународната организација е наведена и вооружената полициска акција во Куманово за која се вели дека имала „наводна цел да спречи напади против државата и цивилни цели“. Меѓудругото, во извештајот се забележува дека најмалку 600 000 бегалци и мигранти, претежно од Сирија, поминале низ Македонија со намера да побараат азил во ЕУ, но наишле на прекумерна сила од страна на полицијата, а илјада од нив, меѓу кои и деца, биле незаконски затворени во нехумани и деградирачки услови во Прифатниот центар за Странци во Гази Баба, Скопје.

Покрај ова, од АИ велат дека над 10 000 Роми побарале азил во Европа, поради дискриминација и сиромаштија, а дел од нив и успеале. Што се однесува на правата на ЛГБТ заедницата, организацијата го спомена неуспехот на институциите во разрешување на нападите врз овие лица.

Годишниот извештај на АИ се однесува на 160 земји во светот при што било документарно дека повеќето влади ги прекршиле меѓународните права. Констатирано е дека во над 122 држави биле измачувани или малтретиран луѓе. Целиот извештај може да се прочита овде.