Амнести: Твитер не ги заштитува жените од злоупотреби

Твитер не успева да го спречи онлајн насилството и злоупотребите врз жените, создавајќи токсична околина за нив, тврди групата за човекови права Амнести Интернешнал.

Во нивниот последен извештај објавен денеска, еден ден пред Твитер да го прослави 12-тиот роденден, Амнести тврди дека социјалната мрежа одговарала неконзистентно кога им биле предочени злоупотреби, дури и во случаи кога се кршат и сопствените правила на компанијата.

Организацијата го обвинува Твитер дека не успева да ги испочитува правата на жените, а корисниците не се запознаени со тоа како компанијата ги интерпретира и спроведува нејзините политики кои треба да спречат такви штетни содржини. Резултатот, велат од Амнести, се смртни закани, закани за силување и расистички, трансфобични и хомофобични злоупотреби насочени кон жени.

Во истражување спроведено врз 1.100 жени од Велика Британија, за потребите на извештајот, било откриено дека само 9% од нив сметаат дека Твитер прави доволно за да се спречи насилството и нападите против жените, додека 78% од нив не чувствуваат дека тоа е место каде можат да ги споделат нивните мислења без да добијат жестоки критики.

Кејт Ален, директорката на британскиот Амнести Интернешнал, вели дека Твитер станало „токсично место за жени“.

„Предолго Твитер беше место каде жените лесно можат да бидат конфронтирани со закани со смрт или силување и каде нивниот род, етницитет и сексуална ориентација се под напад“, рекла Ален.

„Троловите моментално победуваат, бидејќи и покрај ветувањата кои се повторуваат Твитер не успева да направи доволно за да ги спречи. Твитер мора да направи конкретни чекори за адресирање и спречување на насилство и злоупотреба врз жените на нивната платформа, во спротивност нивните тврдења дека се на страната на жените се безначајни“, додала таа.

Извештајот е заснован на интервјуа со 80 жени, меѓу нив и од политичари, новинари и корисници од Велика Британија и САД. Иако во извештајот покажува дека јавните личности најчесто се мета, и другите доживувале злоупотреби – особено доколку зборуваат отворено за сексизмот или користат хаштази на кампањи.

Амнести велат дека иако движењата на социјалните мрежи, како #MeToo, можат да имаат зајакнувачка улога, учесниците често се соочуваат со последици.

Амнести документирале како жените од етничките и религиозните малцинства, ЛГБТИ жените, родово неутралните индивидуи и оние со попречености биле цел на специфични злоупотреби врз нивните идентитети. Се вели дека ова може да предизвика ефект на „оттргнување на веќе маргинализираните гласови уште подалеку од јавните дискусии“.

Од Твитер изјавиле дека не се согласуваат со наодите во извештајот на Амнести, посочувајќи дека тие не можат „да ја избришат омразата и предрасудите од општеството“. Според нив, компанијата направила повеќе од 30 промени на нивната платформа во последните 16 месеци за подобрување на безбедноста, вклучително и проширување на можностите за преземање акција врз насилните твитови.