Амнести: Мигрантите трпат малтретирање и насилство во Македонија и Србија

Мигрантите кои минуваат низа Македонија и Србија трпат насилство и малтретирање од полицијата, која ги тепа и ги тера да плаќаат поткуп, пишува во извештајот на организацијата Амнести интернешнал посветен на состојбата со мигрантите на Балканот.

„Илјадници бегалци, баратели на азил и мигранти, вклучувајќи деца, кои одат на опасни патешествија преку Балканот, трпат насилни злоупотреби и изнуда, како од властите, така и од криминалните банди. Луѓето кои бегаат од војните, сиромаштијата и прогонувањето се ‘рамно изневерени од европските институции, кои ги оставаат без никаква заштита во земјите од Балканот, ои не се членки на Унијата“, се вели во извештајот, кој е резултат на четири истражувачки мисии и интервјуа на Амнести со повеќе од сто мигранти во Србија, Унгарија, Грција и Македонија во 2014 и 2015 година.

Бројот на уапсени луѓе на границата на Европската унија, меѓу Србија и Унгарија пораснал за над 2.500 проценти од 2010, од 2.370 на 60.602, велат од Амнести интернешнал.

Мигрантите се жалат дека српската полиција ги тепала со клоци и боксови во близина на унгарската граница. Многумина од нив биле принудени да платат поткуп до 100 евра на нивното патување низ Балканот, велат од организацијата за заштита на човековите права.

„Видов како сурово тепаат луѓе. Ме тепаа и мене, како и мојот 13-годишен син“, им изјавил авганистански бегалец на луѓето од Амнести.

Стотици мигранти во Македонија биле чувани на места со ограничен пристап со вода, тоалети и здравствена заштита. Луѓе кои поминале низ прифатните центри во земјата раскажувале како полицијата ги тепала и ги терала да спијат на скали, без ќебиња, храна и вода.

„Србија и Македонија мораат да направат многу повеќе за да ги почитуваат правата на бегалците“, вели претставникот на Амнести, Gauri van Gulik.