Американскиот пазар ја одобри првата видеоигра на рецепт

Иако не изгледа како игра, поранешниот проект „Ево“ може да остане запаметен во историјата како првата видеоигра која легално може да се продава и да се препишува на рецепт во САД.

Тоа е храбрата одлука на Администрацијата за храна и лекови во САД, која отсега им дозволува на докторите да ја препишуваат  ајфон и ајпед игра на деца помеѓу осум и дванаесет години, кои се дијагностицирани со хиперактивност и дефицит на внимание.

Играта поминала низ седумгодишни клинички испитувања, а во процесот биле вклучени и 600 деца за да се утврди дали играта прави некаква разлика.

Според пет тестирања на компанијата, одговорот е потврден. Скоро една третина од децата покажале напредок откако ја играле играта 25 минути дневно, пет работни дена во четири недели.

Сепак, според докторите кои работат со девелоперите на играта, таа не е доволна за да стане алтернатива на досега препорачаните терапии за хиперактивност и дефицит на внимание.

„Во 2014 размислувавме како оваа игра може да биде иднината за лекување на Алцхајмер и „АДХД“, а во 2017 истражувавме како „видеоигрите на рецепти може да бидат иднината на медицината“. Сега, тоа е реалност, повеќе не е иднина“, истакнале од компанијата.

Извор: The Verge