Американски универзитети воведуваат родово неутрални заменки

Расте бројот на колеџи и универзитети во Америка кои им дозволуваат на своите студенти да одберат заменка која не го одредува нивниот род. Тоа значи дека наместо „тој“ или „таа“, како опција постојат и родово неутрални заменки како „ту“ („ze“), или може да се користи неутралното „тие“ дури и кога станува збор за едно лице.

Харвард е еден од универзитетите кои официјално ја направија промената оваа година. Отсега, студентите имаат повеќе опции кога пополнуваат формулар. Иницијативата доаѓа од група на студенти на овој универзитет, кои за инспирација ги имале своите трансродови колеги.

Повеќе универзитети низ Америка веќе воведоа неколку родово неутрални заменки, заедно со водич за тоа како да се употребуваат и како некој да го прашаат која заменка ја користи, без да се почувствува навреден. Меѓу универзитетите кои се приклучија се МИТ, Корнел, Универзитетот во Охајо, Бостон и Државниот универзитет во Њујорк.

Меѓутоа, оваа идеја предизвика несогласување кај неколку американси политичари, кои се спротивставија на одлуката на Универзитетот во Тенеси да се користи терминот „xe“. Исто така, граматичари изразија двоумење во врска со ова проширување на модерниот англиски јазик.