Американски судија ја блокираше објавата на документите за печатење 3Д пиштоли

Федерален судија од американската држава Сиетл привремено го блокираше објавувањето на интернет на софтверот кој им овозможува на корисниците да испечатат 3Д пиштоли.

Групата „Дефенс Дистрибјутед“, која се залага за пристап до оружје, пет дена претходно ги објави документите со упатства кои се потребни за 3Д произведување на девет видови пиштоли, кои биле преземени од преку 1.000 луѓе. Групата постигнала спогодба со администрацијата на Трамп во јуни, со која им се дозволува легално да ги објават документите. Се работи за пиштоли со конструкција од пластика, кои користат вистински куршуми.

Сепак, осум американски држави и дистриктот Колумбија ја тужеа владата со барање да се блокира спогодбата, тврдејќи дека производство на пиштоли кои не можат да се следат е безбедносен ризик.

Претходно друг окружен судија, Роберт Ласник, додели привремена забрана за објава на документите, неколку часа пред 1-ви август, објаснувајќи дека плановите можат да се најдат во погрешни раце.

„Постојат 3Д печатачи во јавните факултети и јавни места и постои можност од нанесување на непоправлива штета“, изјавил тој.

Тужби против американската влада се поднесени во Сиетл, Вашингтон, Њујорк, Њу Џерси, Масачусетс, Конектикат, Пенсилванија, Орегон и Мериленд. Во тужбите е наведено дека објавата на нацртите е опасност.