Американскa компанија ќе извезува канабис од Македонија, активисти бараат поддршка на домашното производство

Американската компанија NYSK холдинг ДОЕЛ Скопје вчера официјално отвори свој погон за производство на масло од канабис за медицински потреби, сместен во кругот на поранешната фабрика ОХИС.

Станува збор за нова странска инвестиција во државата, која во период од пет години ќе вложи меѓу три до пет милиони долари. NYSK холдинг веќе инвестирала половина милион евра во реновирање на објектот од 2.000 метри квадратни и досега вработила 15 лица со полно работно време. Нејзиниот план, како што соопштија основачите, е да вработи 50 до крајот на годината и 200 лица во наредните пет години.

Зградата во комплексот на ОХИС е целосно подготвена за да стане првиот модерен објект со лиценца за медицински канабис во Македонија за одгледување и извоз на масло во земјите од Европа, изјави министерот за странски инвестиции Џери Наумоф. Со ова, како што рече тој, Македонија е една од неколкуте нации во светот кои го имаат законското право да одгледуваат и да извезуваат медицински канабис.

Здружението „Зелена алтернатива“ го поздравува отворањето на компанијата. Тие сметаат дека тоа ќе придонесе за подобра конкурентност и намалување на цените на пазарот, но велат дека треба да има што повеќе домашни производители како би имало поголема конкурентност и различни производи.

„Сметаме дека Македонија како земја може ова да го направи и сама и без помош на странски инвестиции кои според изјавите ќе придонесат за вработувања, но сепак се работи за странски фирми. Сметаме дека во Македонија има луѓе со знаење и капацитет за одгледување и производство на канабис и производи од канабис со висок квалитет кои ги задоволуваат сите стандарди. Па, би ги замолиле законодавците во Р.М. да размислат за помагање на домашни производители, домашни фирми кои исто така би имале производство од семе до готов производ и освен вработувања ќе придонесат и со внесување и обрт на финансиски капитал кој ќе остане во државата“, велат од здружението.

За време на вчерашното свечено отворање на погонот, компанијата беше претставена како реномирана и една од најдобрите во ова поле, но како што потенцираат активистите од „Зелена алтернатива“, тие не се запознаени со NYSK холдинг, ниту ја сретнале на познат светски саем за одгледувачи низ светот, а уште помалку виделе нејзини производи.

Џон Монтгомери, инвеститор за медицински канабис и експерт во областа вети дека ќе го испорачаат најквалитетниот медицински канабис на пазарот.

„Ние ќе го зголемиме бројот на работни места и ќе вработуваме македонски работници. Нашите одгледувачи експерти ќе ги обучат нашите вработени тука. По речиси една деценија во оваа индустрија, ние сме многу сигурни во нашата способност да го донесеме најквалитетниот лек во оваа убава земја“, рече Монтгомери.

Вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров информираше дека покрај оваа компанија, уште неколку други имале поднесено барања за добивање дозвола за одгледување канабис за медицински цели, а за една од нив постапката е веќе во финална фаза.