Американец уапсен затоа што не вратил ВХС касета од 2002 година

Во случај кој изгледа како лекција за (не)функционирањето на бирократијата, еден Американец вчера бил уапсен од локалната полиција, поради тоа што на негово име имало издадено налог за апсење од 2002 година, кога тој не вратил касета со филм во видеотека. Станува збор за копија од филмот „Freddy Got Fingered“ од 2001 година, во режија на Том Грин.

Човекот, со име Џејмс Мајерс, бил запрен од полицијата во Северна Каролина поради расипано задно светло на автомобилот. Но, кога полицајците го провериле неговото име, во нивната база на податоци уште стоел налогот од 2002 година.

„Господине, не знам како да ви го кажам ова, но постои налог за ваше апсење од 2002 година. Како што пишува, сте изнајмиле филм и не сте ја вратиле касетата во видеотека“, му рекол еден од полицајците на Мајерс, кому му дозволиле најпрво да ја однесе својата ќерка на училиште, пред да го приведат во локалната полициска станица. Против Мајерс е поведена судска постапка, а тој на 24 април треба да се појави на суд, каде му се заканува казна. Прекршокот за кој е обвинет е: „невраќање на изнајмен имот“, а казната и натаму е опција, и покрај тоа што видеотеката која е „оштетена“ е затворена уште пред 12 години.

За ова искуство, Мајерс раскажа во видео објавено на социјалните мрежи:

Веста за апсењето стигнала и до авторот и главен актер во филмот, канадскиот комичар Том Грин, кој вчера твиташе за случајот:

Грин вели дека го контактирал Мајерс за случајот и „добро се насмеале“.

„Freddy Got Fingered“ е урнебесна, релативно неуспешна комедија од 2001 година, со која Том Грин практично и се прослави. Иако тој воопшто не им се допадна на критичарите, филмот и денес има посветена база обожаватели ширум светот.