Американец патува речиси 500 километри со количка како протест за повеќе инвалидски патеки

Иан Макеј се смета себеси за велосипедист и љубител на птици – голем обожавател на природата кој има навика да се изгуби низ шумските патеки во близина на неговиот дом во Вашингтон.

Но, ако се земе предвид популарното мислење, многу луѓе не би очекувале Макеј да успее да ја следи оваа своја пасија. Повеќето би помислиле и дека нема да може вистински да ужива во природа без нечија помош, бидејќи Иан е квадриплегичар.

Користењето на инвалидска количка на струја во природа има свои предизвици. Но, тие не потекнуваат од неговата попреченост, вели Иан, туку обично се резултат на тоа што патеките во природа се непристапни за луѓето „на тркала“ – меѓу кои се и велосипедистите и родителите со бебиња во колички.

Макеј протестира за тоа да се промени, со радикални мерки.

Љубителот на природата на 13 август започна 10-дневно патување на кое ќе помине повеќе од 480 километри. Почнувајќи во Викторија, Британска Колумбија, а завршувајќи во Портленд, Орегон, рутата ќе се протега долж неговата родна земја.

Како што вели Макеј, „ќе се тркала низ Вашингтон“ за да ја подигне свесноста за потребата од пристапни инвалидски и велосипедски патеки.

На 3 јуни 2008 година, Иан имал сообраќајна несреќа, додека возел со велосипед низ шума. Одел дома од факултет по позната патека во Санта Круз, Калифорнија, но лизгајќи се на песок удрил со главата во дрво, кршејќи го вратот.

Шлемот кој го носел го спасил неговиот живот, но поради сериозна повреда на ’рбетниот мозок изгубил контрола над рацете и нозете.

Макеј вели дека е релативно среќен што пристапните патеки ги има во голем број во близина на неговиот дом во Вашингтон. Сепак, луѓето како него на други места немаат таква среќа.

„Јас и другите мои парализирани браќа кои живеат во пошироката област на Вашингтон – многумина од нас го немаат луксузот на пристап до прекрасните патеки“, вели. „Голем дел од времето сме заглавени на страната од улиците и автопатите и не сакаме да бидеме ризик за луѓето кои возат крај нас во природа“, додава.

Вели дека неговиот „протест“ е за сите.

„Сите сме во ова заедно – велосипедисти, мајки кои буткаат бебешки колични, луѓето кои трчаат во природа. Сите имаме иста мисија – повеќе и подобри патеки за сите“.

Оние кои сакаат да го поддржат Макеј на неговото патување може да го посетат неговиот блог или да донираат овде. Сите средства кои ќе ги собере ќе бидат потрошени за сместување за време на неговото патување. Доколку му останат средства, ќе ги донира на Washington Bikes за да и помогне на организацијата да изгради повеќе пристапни патеки во Вашингтон.