Американците повеќе им веруваат на рекламите отколку на медиумите

Истражување објавено од фирмата за истражување на пазарот, YouGov, покажува дека вербата на американската јавност во рекламите кои ги гледаат пораснала значително во изминатите неколку години. За сметка на тоа, довербата во масовните медиуми, владата и другите институции паднала на рекордно ниско ниво.

Речиси три четвртини од луѓето кои биле анкетирани велат дека рекламирањето е „генерално искрено“. Бројот на луѓе кои веруваат во рекламите повеќе одошто во вестите, е зголемен за 16 проценти од март 2014 година. Само шест од 10 лица сега велаат дека им веруваат на медиумите.

Друго неодамнешно истражување од фирмата за анкети MarketingSherpa открило слични резултати. епак, оваа студија покажува и дека довербата многу зависи и од начинот на рекламирање. На пример, осум од 10 луѓе веруваат на рекламите во печат и на телевизија, но само половина од нив би поверувале на истите реклами доколку ги видат на интернет.

Во меѓувреме, анкетите покажуваат дека новинските агенции имаат историски ниски резултати кога станува збор за довербата во нив. Најпоследната анкета на Gallup минатата есен покажа дека само тројца од десетмина имаат „голема“ или „солидна“ доверба во најпознатите медиуми.

Истражувањата доаѓаат во време кога границите меѓу медиумите, забавата и рекламирањето се потенки од кога и да било, пишува Mashable.

Нови типови на реклами, како спонзорирани објави на веб страниите, финансирани истражувања и лобирања од познати личности често се тешки да се забележат, а вршат влијание на јавното мислење. Токму затоа, додава веб страницата, можеби луѓето мислат дека рекламите на телевизија и во весник се искрени – бидејќи барем знаат дека некој им продава нешто.