Американците над 65 години најмногу споделуваат лажни вести на Фејсбук

Лицата над 65 години споделуваат многу повеќе лажни вести на Фејсбук од младите, покажало ново истражување во Соединетите Американски Држави за однесувањето на корисниците на социјалната мрежа за време на претседателските избори во 2016 година.

Студијата покажала дека возраста, од сите можни карактеристики, е најдобар показател за тоа дали луѓето би споделиле линкови од интернет страници кои произведуваат лажни информации. Сепак позитивната вест е дека само 8,5% од луѓето споделувале вести или информации произведени од сајтови за лажни вести.

Истражувањето било спроведено пред изборите во 2016 годин, врз 3.500 корисници на Фејсбук, а околу половина од нив се согласиле да инсталираат апликација која ги собирало податоците од нивниот профил за тоа какви содржини споделувале.

Анализата покажала дека 11 проценти од луѓето над 65 години споделувале лажни информации, додека само 3 проценти од корисниците на возраст од 18 до 29 години споделувале слични содржини.

„Ниту една друга карактеристика која ја проучувавме, како полот, примањата или образованието, немала таква конзистентност во веројатноста за споделување лажни вести“, напишале авторите на студијата за Вашингтон Пост.

Дополнително било откриено дека симпатизерите на Доналд Трамп многу почесто (18% од нив) споделувале вакви линкови, за разлика од оние кои се изјасниле како демократи (3,5% од нив).

Истражувачите од Универзитетот во Њујорк и Принстон не даваат конкретни заклучоци зошто постарите луѓе почесто ги насочувале своите Фејсбук пријатели кон сајтови со лажни вести. Тие претпоставуваат дека дигиталната писменост кај постарите луѓе ги оневозможува да забележат знаци на дезинформации или лажни информации, или дека тоа може да биде поврзано со губење на когнитивните способности поради што стануваат полесна мета.