Американците донираат пари за бесплатни абортуси во име на конзервативниот заменик-претседател Пенс

Непрофитната фондација „Планирано родителство“ (Planned Parenthood), која во САД обезбедува бесплатно сексуално образование и ресурси за контрола на непланирана бременост, како и абортуси, е во ризик дека ќе биде укината откако за заменик-претседател беше избран Мајк Пенс, строг противник на абортусот.

Откако Пенс се закани дека програмата ќе биде укината, организацијата за сексуално здравје забележала пораст во донациите, односно примила речсии 80000 донации во негово име.

Пенс е гласен противник на правото на абортус и за време на претседателската кампања се заколна дека доколку стане заменик-претседател, ќе го „испрати законот со кој се дозволува абортус во пепелникот на историјата, каде што припаѓа“.

Во март, Пенс потпиша закон со кој жените би биле приморани да одржат погреб за своите абортирани или недоносени фетуси, легислатива која потоа беше блокирана од страна на федерален судија.

Евангелистот исто така имал голем број обиди да го укине владиното финансирање за клиниките за репродуктивно здравје, а како гувернер на Индијана одобрил рестриктивни закони за абортус во државата.

Корисници на Инстаграм споделоле објава со која ги охрабруваат и другите да направат донација до „Планирано родителство“, а на Твитер луѓе објавувале фотографии од формулар за донација со име и адреса на Мајк Пенс.

Фејсбук страница именувана „Донирајте пет долари на „Планирано родителство“ во чест на Мајк Пенс“ веќе постоела. Таа бара „да се поплави канцеларијата на гувернерот на Индијана со картички за благодарност од организацијата“.

И самиот Трамп водеше анти-избор кампања, а во одреден момент изјави дека смета дека жените кои извршиле абортус „треба да бидат казнети“.