Амазон наскоро ќе воведе 30 работни часа за дел од вработените

Amazon.com наскоро ќе започне со програмата која има за цел да ја експериментира 30-часовната работна недела за одредени вработени.

Програмата ќе има неколку технички тимови целосно формирани од вработени со скратено работно време. Овие вработени, со 30 работни часови во неделата ќе добиваат плата и ќе ги имаат истите придобивки како и останатите вработени, но тие ќе добијат 75 отсто од платата што ја добиваат вработените со целосно работно време.

Пилот-програмата се разликува по тоа што целиот тим, вклучително и менаџерите, ќе работат со скратено време.

„Сакаме да создадеме работна средина прилагодена на намален распоред, а што се уште ќе поттикнува успех и професионален развој“, стои во соопштението на компанијата.

„Иницијативата беше создадена имајќи ја предвид разновидната работна сила на Амазон и сознанието дека традиционалното работно време не мора да биде секогаш успешен модел“.

Како за почеток, програмата ќе биде мала, нагласуваат од компанијата, која ќе се состои од десетина вработени. Овие тимови ќе работат на технички производи заедно со одделот за човечки ресурси, од понеделник до четврток, со работно време од 10 часот наутро, до 14 часот попладне и со дополнителни флексибилни часови.

Нивните плати ќе бидат пониски, но тие ќе имаат можност да се префрлат на целосно работно време кога сакаат. Членовите на тимовите ќе бидат вработени од компанијата, но и од надвор.

Најавата за оваа програма доаѓа откако компанијата се соочи со критики во напишан текст од „Њујорк Тајмс“, во кој Амазон беше опишана како компанија која ги охрабрува вработените да работат до 80 часови неделно, а ретко да земаат одмор.

Заменик-претседателот на компанијата Џеј Карнеј, објави писмо во кое тој вели дека приказната лажно ја прикажала компанијата и понуди да ја објасни перспективата на Амазон. Оттаму не коментираат дали програмата има врска со неодамнешната објава на „Њујорк Тајмс“, ако се земе во предвид дека извршниот директор на Амазон е сопственик на „Вашингтон пост“.