Амазон ќе тужи над илјада лица поради оставање лажни коментари за производите

Амазон најави преземање правни мерки против повеќе од 1000 луѓе за кои се смета дека испратиле лажни коментари на оваа веб страница. Американскиот онлајн гигант за малопродажба, поднесе тужба против нив.

Во неа се вели дека е нарушена репутацијата на брендот од страна на „неточни, и неавтентични“ коментари платени од страна на продавачите кои сакале да ја подобрат привлечноста на своите производи. Тужбата доаѓа откако Амазон тужеше голем број веб-сајтови во април, за продажба на лажни коментари.

Амазон вели дека 1.114-те обвинети, кои ги нарекува „John Does“ бидејќи компанијате се уште не ги знае нивните вистински имиња, нуделе услуга за лажни прегледи за 5 долари, на сајтот Fiverr.com, за коментари со пет ѕвездички за производите на продавачот.

„Иако се малубројни, овие прегледи може значително да ја поткопаат довербата на потрошувачите и на најголем дел од продавачите и производителите на Амазон“, наведува технолошкиот гигант во својата жалба, поднесена во петокот.

Амазон, јавува BBC, соопшти дека спровеле истрага,  која вклучувала и купување лажни коментари од Fiverr од луѓе кои ветувале дека ќе го покачат рејтингот на производот на пет ѕвездички.  Оттаму додаваат дека забележале дека продавачите на лажни коментари, се обидувале да ја сокријат измамата преку користење повеќе сметки од уникатни IP адреси.