Амазон и најголемите издавачи добија тужба за вештачко високи цени на Е-книги

Интернет страницата на Амазон (Amazon.com) и најголемите пет американски издавачи – Пингвин Редном Хаус, Хачет, Харпер Колинс, Мекмилан и Симон и Шустер, се обвинети за договарање во висината на цените на електронските книги.

Тужба против овие компании, во име на корисници од повеќе американски држави, покрена правната фирма Хагенс Берман од Сиетл. Од фирмата тврдат дека издавачите вештачки ги одржувале високите цени на е-книгите, со тоа што имале договор со Амазон во кој купувачите биле принудени да платат повеќе за е-книгите кои ги купувале на други продажни платформи, надвор од Amazon.com.

Во тужбата се наведува дека скоро 90% од сите продадени е-книги во САД се продаваат преку Амазон, како дополнување на преку половина од сите печатени книги. Правниците тврдат дека цените на е-книгите се намалиле во 2013 и 2014 откако Епл и големите издавачи успешно беа тужени за соработка во цените на е-книги, но потоа повторно се покачиле откако Амазон повторно склучил договори со нив во 2015 година.

Во тужбата се бара надоместок за оштетените кои купиле е-книги преку конкурентски продажни места, како и судска забрана за Амазон и издавачите да воспоставуваат ограничување на цените кои се спротивни на принципот на конкурентност.

Амазон одбиле да дадат коментар на тужбата кога биле прашани од Ројтерс.

Правниците од Хагенс Берман веќе ги имаат добиено Епл и петте најголеми издавачи на суд во 2011 година за „местење“ на цените на е-книгите. Тогаш обвинението беше дека Епл нелегално соработува со цел да наметне доминација на Amazon.com на пазарот на е-книги.

Таа тужба заврши со спогодба во која издавачите платија 166 милиони долари, додека Епл изгуби на суд и мораше да плати 450 милиони долари во 2016 година по долг процес кој завршил кога Врховниот суд одбил да ја прифати жалбата на технолошкиот и продажен гигант.