Аматерски хуманитарен велеслалом „Маврово 2016“ за СОС Детското село

Започна традиционалниот Четиринаесетти аматерски хуманитарен велеслалом „Маврово 2016“, кој до 21 февруари ќе се одржува во Маврово заедно со Ски центарот „Заре Лазаревски“.

Организаторите најавија дека годинава средствата од котизацијата за велеслаломот ќе бидат донирани за СОС Детското село Македонија, кое одбележува 15 години од своето постоење. Во моментов, вкупно, преку сите свои програми, Детското село згрижува и поддржува околу 300 деца и млади без родители и родителска грижа, како и деца и млади во социјален ризик.

Собраните средства од донацијата ќе бидат искористени за унапредување секојдневните активности и живот на децата, но и за обезбедување на апарати за домаќинство и други средства за функционирање на згрижувачките семејства. Дел од парите ќе помогнат за едукативна и образовна поддршка на вонучилишните и спортските активности на овие деца, како и за задоволување на редовните медицински и здравствени потреби.