„АМАН“ ги предаде потписите во Собранието

Претставници на граѓанската иницијатива „АМАН“ маршираа низ центарот на Скопје и ги предадоа собраните 13.169 потписи во Собранието, со што ја исполнија целта – нивните барања да бидат ставени на дневен ред во законодавниот дом.

„АМАН“ ги предаде потписите во Собранието

Потписите од граѓаните беа собрани во официјална постапка за предлагање закони до парламентот директно од граѓаните, за време покусо од законскиот рок. Според Зорица Димовска од „АМАН“, сега од пратениците ќе зависи дали струјата ќе поевтини и дали нема повеќе да им стигаат сметки за парно на граѓаните за услугата која не ја користат.
  Граѓанската иницијатива „АМАН“ беше формирана откако Регулаторната комисија за енергетика ја укина дневната евтина тарифа и во исто време ја поскапе цената на струјата и парното, но и ги обврза граѓаните кои се откажале од парното да плаќаат посебен, нов надомест. Откако граѓанското здружение секој вторник во континуитет два месеци протестираше пред институциите и ја бараше, но не ја доби поддршката од надлежните, пристапи кон иницијативата за собирање потписи.