Алвин Салимовски и „Roma Rock School“ на ENGAGE 2018

Алвин Салимовски, директорот во ОУ „Браќа Рамиз-Хамид“ од Шуто Оризари-Скопје и основач и претседател на Здружението за мултиетничко музичко образование „Roma Rock School“ е еден од говорниците на седмото издание на ENGAGE конференцијата на друштвен активизам што ќе се одржи на 12-ти мај, во Музејот на современа уметност во Скопје.

Салимовски на ENGAGE 2018 ќе зборува за музиката во образованието како средство за мотивација и интеграција. „Roma Rock School“ е здружение на граѓани основано во мај 2017, но како идеја  постои од поодамна. Главната мотивација за основање на ова здружение  е неспорниот музичкиот талент на Ромите како заедница.

Но покрај тоа што Ромите се музички талентирана заедница, сепак бројот на музички образовани Роми, за жал е многу мал. Токму тоа е и една од главните цели на  „Roma Rock School“, зголемување на бројот на музички образовани Роми.

Познато е дека Ромите својот музички талент го изразиле во многу музички правци, но досега никогаш не е направен спој помеѓу рок, хеви метал , прогресив рок и традиционален ромски мелос. Фокусот на „Roma Rock School“ е токму тоа – да создаде еден сосема нов правец во музиката.

На овогодинешната конференција организирана од Радио МОФ и Младинскиот образовен форум, ќе учествуваат осуммина говорници, а ќе има и два перформанси. Регистрацијата е достапна на овој ЛИНК, а можност за учество ќе имаат првите 200 пријавени учесници за конференцијата. Повеќе информации за сите говорници и настапи може да се најдат на engage.mk.

ENGAGE – Конференција за друштвен активизам е организирана со поддршка од Фондацијата Отворено општество – Македонија.