Алтхаузер: Кризата трае долго и е длабока, очекуваме формирање функционална влада

Меѓународната заедница очекува формирање функционална влада која ќе се посвети на спроведување на итните реформи за евроинтеграциите, истакна германската амбасадорка Кристине Алтхаузер на Меѓународната конференција „Добри практики за обука во земјите членки на ЕУ“, која се одржа во Секретаријатот за европски прашања. 

„Кризата во Македонија трае долго и е длабока. Поминаа четири месеци од изборите, па сите, и меѓународната заедница очекуваат да се формира влада, но прво треба да се избере спикер во Собранието. Приоритет во процесот на пристапување кон ЕУ се реформите, кои треба интензивно да се спроведуваат, а за тоа е потребна функционална влада. Тоа е она што го чекаме“, рече Алхаузер, одговарајќи на новинарско прашање.

Според вицепремиерот за евроинтеграции, Арбер Адеми, кризата трае предолго и од политичка прерасна во институционална криза.

„Очекуваме да се најде решение за кризата, бидејќи проектите и реформите мора да се реализираат. Политичката криза мора да се реши, а институциите да профункционираат оти нема друга алтернатива“, рече Адеми.