Алтернатива наместо забрана за младите да излегуваат по 23 часот

По најавите дека во Белград ќе се забрани присуство на малолетници во кафулињата по 23 часот, психологот Олга Лакичевиќ, за „24 сата“ вели дека наместо само забрани, на младите мора да им се понуди алтернативна за ваквата иницијатива.

На младите им треба алтернатива, а не забрана за забава по 23 часот

Според Лакичевиќ, младите под 18 години не би требало да остануваат надвор по 23 часот, затоа што нема да бидат способни за работа ако спијат помалку од осум часа дневно.

Градоначалникот на Белград Драган Џилас во петокот најави иницијатива за измена на законот за заштита на потрошувачите со кој младите под 18 години нема да можат да остануваат во белградските локали каде што се служи алкохол  после 23 часот, без придружба од еден родител или старател.

Според порталот, психологот Лакичевиќ истакнува дека кога се донесува таква одлука секогаш би требало да постои алтернатива.

„Кога размислуваме како професионалци за иницијативата тогаш мораме да гледаме што им се нуди како алтератива на забраната“, вели Лакичевиќ и додава дека кога нема алтернатива, туку само забрана, малолетниците ќе му се спротивстават на законодавците.

„Тоа се млади луѓе во пубертет на кои доколку им се ставаат вакви забрани нема да сакаат да соработуваат со никого, па така нив ги вртиме против самите себе, без алтернативата која ќе им овозможи самите да изберат што е најдобро за нив“, вели Лакичевиќ за  „24 сата“.

Инаку, во Белград неодамна повторно беше воведена забраната за продавање алкохолни пијалоци во продавниците и маркетите после 22 часот, што пак сеуште наидува на реакции во јавноста.