„Алсат“ добитник на медиумската награда „Роберто Беличанец“

Телевизијата „Алсат“ е добитник на годишната награда „Медиум промотор на новинарството како јавно добро – Роберто Беличанец“.

Вкупно беа номинирани осум медиуми, а наградата ја доделува Самостојниот синдикат на новинари (ССНМ) во партнерство со Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии и Медиа дајверзити институтот од Лондон во рамки на проектот „Писменост за вести и дигитална писменост- Справување со лажните вести“, поддржан од Европската унија.

Критериумите за наградата беа континуирано чувство за општествена одговорност, третирање на новинрстовото како јавно добро, придржување на кодексот на новинари, третирање на теми од јавен интерес како и коректен однос кон вработените

„Медиумите се платформата преку која новинарите и медиумските работници комуницираат со граѓаните и без слободни медиуми кои го разбираат концептот на јавно добро и јавен интерес не е можно остварување на потребното влијание за исполнување на главната функција на новинарството“, соопштија доделувачите на наградата.

На наградата одлучуваше комисија во состав Ѕвездан Георгиевски, Маја Томиќ, Маја Јовановска, Сефер Тахири и Сања Васиќ.