Aloti_B и Aloti_M – единствени и уникатни битолски фонтови инспирирани од битолската историја

Група креативци од Битола водени од виртуозот за типографија Ласко Џуровски, за време на типографската работилница Фонтој – Монтој, го започнаа процесот на креирање на првиот и единствен Битолски фонт инспириран од Битолската плоча.

Во старата Ески џамија, срушена во 1956 година, е пронајдена камена плоча на која со кирилско уницијално писмо е напишано името Битол. Се претпоставува дека плочата потекнува од катедралната црква на Битолското кале и дека ја поставил внукот на цар Самуил. Археолозите и историчарите се согласуваат дека плочата настанала при обновувањето на битолската тврдина од царот Иван Владислав. Академикот Владимир Мошин ја студирал содржината на текстот и претпоставува дека таа датира од 1016-1017 година.

Битолската плоча е натпис во кој Битола се спомнува за првпат како град. Тоа значи дека Битола е стара над 1000 години. Колку за илустрација Москва е стара околу 800 години, Санкт Петербург околу 300г.

По 1000 години група креативци се собраа да го ресоздадат фонтот на Битолскиот натпис односно да го креираат од денешна перспектива.

– Фонтот Aloti_B ги почитува типографските норми, лесно е читлив и елегантен.
– Фонтот Aloti_M ги крши типографските норми во обид максимално да се и интерпретираат формите од Битолската плоча. Овој фонт претставува модерна ревитализација на ракописот од пред 1000 години, нормално, со извесни прилагодувања за употреба на современите медиуми.

„Идејата на типографската работилницата Фонтој-Монтој беше да направиме Битолски фонт и по повод 1000 годишнината (2016-2017г.) од постоењето на името Битола да им го подариме на граѓаните на Битола и Македонија на 4.Ноември – Денот на ослободувањето на градот Битола“, изјави Ангела Христовска – графички дизајнер и иницијатор на процесот.

Фонтотовите Aloti_B и Aloti_M, кирилична и латинична верзија, се бесплатни и може да се спуштат на следниот линк.