Алина Афлекаилор од Greenpeace од Романија е говорник на ENGAGE 2020

Aктивисткатa и едукаторка за човекови права во изминатите 10 години, Алина Афлекаилор, ќе биде една од говорниците на овогодинешниот ENGAGE 2020, кoј ќе се одржи на 22 февруари од 12 часот во МКЦ.

Афлекаилор во моментов работи на демократски проект со Greenpeace од Романија, со кој ги поттикнува младите луѓе да преземат акција како дел од граѓанското општество. Нејзините други соработки вклучуваат работа со Amnesty International, EU-Russia Forum и World Wildlife Fund.

Ангажирајќи се за иднината на заедницата на Земјата, за младите луѓе и нивното вклучување во граѓанските и демократските процеси, многумина ја нарекуваат „Мајка активист“.

Афлекаилор на ENGAGE ќе зборува на тема „Зајакнување на следната генерација на еко-активисти“.

Инаку, деветтото издание на Конференција за социјален активизам ENGAGE 2020 ќе вклучи домашни и странски активисти-говорници на разни теми како дигитална демократија, животна средина, иднината на образованието и медиумите, како и правата на ЛГБТИ заедницата и граѓанската ангажираност.

Листата на говорници сѐ уште не е затворена. Во меѓувреме, регистрацијата за настанот е отворена, а можност за учество ќе имаат првите 300 пријавени учесници за конференцијата.

За да ја проследите конференцијата, може да се регистрирате на: engage.mk/registration/.

Конференцијата е поддржана од National Endowment for Democracy, а е организирана од Младински образовен форум и Радио МОФ.