„Алхемија на дивината“ – мултимедијален и локациски специфичен перформанс во Вевчани

Мултимедијалниот локациски перформанс „Алхемија на дивината“ ќе се изведе на различни локации на Вевчанските извори, во Вевчани, на 26 и 27 јуни 2024.

Станува збор за перформанс кој обединува уметници од различни области. Изведувачки уметници се: Риџет Ферати, Надја Лукановска, Симона Димковска, Ива Дамјановски, Тереза Лазарев, Теодора Ежовска, Виктор Танасковски, Кристијан Караџовски и Маја Стајнберг. Уметници – ментори на перформансот се Алесандро Ола, Јелена Вуксанович, Атила Антал, Вишња Жугич и Јасмина Билаловиќ.

„’Алхемија на дивината’ ве предизвикува да размислувате за природата на времето, конечноста и постоењето, поттикнувајќи интроспекција за тоа како сме живееле и како живееме, како се менуваме и како комуницираме. Ова искуство ќе ве поведе на лично патување за откривање на она што е навистина важно во вашиот живот. Кои акции е потребно да ги откриеме, или реоткриеме,притоа избирајќи ги според приориетот на важноста“, се вели во најавата.

Премиерната изведба ќе биде во среда (26 јуни) со почеток во 19 часот. Втората е закажана следниот ден, 27 јуни во 12 часот и третата истиот ден во 19 часот.

„Изведбата ја доловува суштината на животните трансформации, набљудувајќи го ритуалот на промена од најмалата клетка до најдалечните ѕвезди. Преку волшебните приказни, хипнотизирачкиот танц, евокативната музика и шепотењата на распеаните дрвја, ќе бидете обвиени во сетилно искуство како никогаш досега“, наведуваат организаторите.

Бројот на посетители е ограничен, па резервацијата за присуство на една од трите изведби може да се направи со испраќање на мејл на riteincontemporarysociety@gmail.com.

Оваа изведба е дел од проектот „СИОТ СВЕТ Е СЦЕНА-имерзивен и партиципативен театар како алатка за адресирање на општествени прашања и предизвици” на Здружението на уметници Културен центар Медиа Артес, Охрид.

Во рамките на овој проект, во март и мај КСП Центар Јадро, Скопје беа реализирани две серии работилници со наслов „Ритуалот во современото општество“.