Александар Стојков ќе вози 2.500 километри со велосипед во чест на неговата почината мајка Вера Стојкова, но и во чест на сите оние што ги загубија животите од пандемијата.
Идејата за ваков спортски предизвик е да ги обедини сите главни градови на поранешна Југославија, сите места од детството на Стојков, сите важни места за семејството, но и за државата.
„Целта на оваа велосипедска тура е возобновување на човечките вредности, подзаборавени или изместени во последно време, враќање на соработката, разбирањето и љубовта од секаков вид, кои некогаш ги имаа, а денес помалку ги практикуваат народите кои живеат на овие простори. Да покажеме дека границите може да ограничат еден простор или држава, но не можат да нè делат и да не спречат да се почитуваме“, стои во најавата за турата.
Велосипедската тура ќе започне од Свети Николе, родното место на Стојков на 21 март и ќе се вози низ пет поранешни југословенски држави (Северна Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора) и Албанија, а крајот повторно е во Северна Македонија, на 5 април.
Оваа година, на првото издание, единствен учесник ќе биде Стојков, кој ќе вози во 15 етапи со околу 170 километри секоја, во 15 дена, со само два дена пауза меѓу етапите, што е подвиг еднаков на големите велосипедски натпреварувања.
Тој се надева дека „Вера тур“ ќе прерасне во традиционална трка, пандан на француската (Тур де Франс), италијанската (Џиро д’Италиа) и шпанската (Вуелта а Еспања).
Велосипедски експерти во форма на стручен тим, медицински тим и едно возило со најблиските од семејството ќе го следат Стојков за време на неговото патешествие. На секоја етапа одделно, ќе го следат најдобрите велосипедисти и репрезентативци од секоја земја, каде што ќе поминува.