Александар Стеванов од Штип е годинашен добитник на наградата „Љупчо Филипов“ која Стрип центарот на Македонија-Велес (СЦМ) ја доделува за развој и афирмација на македонската стрип-сцена.
Признанието ќе му биде врачено на Меѓународниот стрип салон во октомври во Велес.
СЦМ ова признание го доделува на заслужни домашни дејци за развојот и афирмацијата на деветтата уметност во Македонија.
Стеванов е предавач и промотор на стрип-настани во Македонија, пред сè на петдневната стрип-работилница организирана во Американското катче во Штип. Во 2015 година тој е прогласен за најдобар млад сценарист на Балканот на Балканската смотра во Лесковац, Србија.
„Се залага во областа на медиумите, го уредува поглавјето за стрип во интернет-списанието „Македонска ризница“, објавува интервјуа во домашни и странски списанија, ги изработува стриповските фонтови Ботин, Кокан, Горски топуз, со што многу ја олесни работата на македонските стрип-автори. Во последно време Стеванов успешно се занимава со дизајнирање стрип-списанија и книги, новински текстови, како и хронологија и историјат на македонската стрип сцена“, информира СЦМ.
Признанието на Стеванов ќе му биде врачено за време на 15-тиот Интернационален стрип салон во Велес, кој ќе се одржува од 13-ти до 15 октомври во Велес.
Досегашни добитници на признанието „Љупчо Филипов“ се: Миле Топуз, Диме Иванов Димано, Александар Сотировски, Ване Трајков, поранешната групација „Тајфа арт“, Томислав Османли, Дарко Марковиќ, Иванка Апостолова, Киро Донев, редакцијата „Детска радост“, Оливер Ромевски, Стрип книжарницата „Бункер“, Галерија и списание „Остен“ и Томе Трајков.