Еден од најпреведуваните современи македонски писатели, Александар Прокопиев е меѓу поканетите автори на Меѓународниот фестивал на светската книжевност, кој ќе се одржи во Загреб од 4 до 12 септември во организација на реномираната хрватска издавачка куќа „Фрактура” и водечкиот човек на куќата Сеад Сердаревиќ.
Меѓу писателите, „европските и хрватски мајстори на пишаниот збор“ – како што се најавуваат по хрватските медиуми, се Ксавиер Церкас, Патрик де Вит, Лоренс Норфлок, Кјел Весто, Марија Дуењас, Франческа Меландри, Бора Ќосиќ, Славенка Дракулиќ, Миљенко Јерговиќ и Семездин Мехмединовиќ.
Прокопиев ќе биде претставен пред читателска публика во Загреб на трибината „Писателот и неговиот читател“, заедно со д-р Борислав Павловски, преведувачот на хрватски на неговата збирка раскази „Човечулец“ (во издание на „Фрактура“) и модераторот Катарина Брајдиќ, како и на трибината „Политиката и книжевноста“ на која ќе учевствува заедно со Франческа Меландри, Ивица Џикиќ и модераторот Борис Постников.
Една од оригиналностите на овој фестивал е што за време на неговото траење, неколку хрватски ликовни уметници ќе ги портретираат писателите и ќе создаваат цртежи и слики инспирирани од нивните книги.
Покровител на фестивалот е претседателот на Хрватска, Иво Јосиповиќ.