Во очи на претстојниот концерт на Јордон Костов секстет и хорот „Св. Злата Мегленска“, денеска на „Аксиома“ е реиздаден албумот „Маглота“ (Maglota).
„’Маглота’ е нов албум на македонскиот хармоникаш, композитор и импровизатор Јордан Костов, реализиран во соработка со меѓународна постава музичари. Албумот е снимен во Ханој, а претставува длабоко интимен и интеркултурен музички документ, создаден преку културна интеграција и доверба во процесот на заедничко музицирање“, стои во текстот на Вангел Ноневски кон албумот.
Како што пишува Ноневски, музиката на „Маглота“ е тешко да се класифицира: таа содржи влијанија од ориенталниот призвук, од традиционалната виетнамска музика, од современиот џез и импровизираната сцена, од балкански ритми и модалности, како и од амбиентални и минималистички пристапи. Но, посочува тој, најважното е дека таа не потпаѓа под ниеден жанр, туку е резултат на отвореност, интуиција и почит кон различното.
„Насловот ‘Маглота’ не претставува конкретен збор од постоечки јазик – тој е намерно недефиниран. Звучи како нешто познато, но е апстрактен и нејасен. Токму тоа е и карактерот на оваа музика: органска, флуидна, со отворена форма и структури. Со овој албум, Костов не само што го продолжува својот интеркултурен пристап кон музиката (со повеќе од 40 издадени албуми), туку и го интензивира. ‘Маглота’ е неговото најконцентрирано и најискрено сведоштво за можноста на вистински музички дијалог без правила“, пишува во текстот на Ноневски.
Албумот има нов, психоделичен дизајн на насловната корица на Кристијан Новковски.