Албанските студенти четврти ден протестираат пред Министерството за образование

Албанските студенти денес повторно организираа протест пред Министерството за образование во Тирана. Ова е четврти ден на студентски протести во земјата со барања до владата да се намалат трошоците и да се подобри квалитетот на високото образование.

Протестот на Националната студентска унија на Албанија денеска се одвива под слоганот „Втор декември – Нема преговори, единствено исполнување на барањата”, асоцијација на стидентското движење од 8 декември 1990-та година кое денеска се слави како државен празник во земјата.

Студентите, кои одбиваат да преговараат со властите и постојано нагласуваат дека не сакаат политизирање на нивните протести, и денеска ги повторија главните барања: преполовување на партиципацијата за студирање, укинување на дополнителните трошоци кои ги најавија властите, подобрување на условите во студентските домови и учество на студентите во управите на универзитетите. Тие преку мегафон ги читаа и имињата на професорите, за кои тие тврдат дека барале мито од студенти при полагање испити.

Пред три дена албанската Влада го исполни едно од барањата на студентите со укинување на членот од законот за високо образование со кој се предвидуваа нови трошоци за повторен упис на година и полагање заостанати предмети.

Албанските медиуми пишуваат и дека многу жители на Тирана, во солидарност со студентите, им ги отвориле своите домови за оние кои нема да можат да се вратат во местата од кои доаѓаат.

За да се избегне каква било политизација, бидејќи и опозициската Демократска партија најави свои активности за одбележување денешниот датум, студентите ја прогласија владината зграда за „забранета зона”.