Албанскиот Парламент усвои резолуција за заштита на правата на ЛГБТ заедницата

Парламентот на Албанија вчеравечер ја усвои Рeзолуцијата за заштита на првата и слободите на лица кои припаќаат на ЛГБТ заедницата, за која гласале 75 пратеници, а двајца биле против. Ова е најголем чекор на албанската влада во правец на заштита на ЛГБТ-правата, по усвојувањето на Законот против дискриминацијата во 2010.

Резолуцијата беше предлог на парламанетарниот поткомитет за човекови права, со поддршка на пратеничката и позната активистка за човекови права Василика Хиси, како и на други пратеници: Пандели Мајко, Фатмир Џафа и Грамоз Руци. Резолуцијата ги поздравува постигнувањата на Албанија на ова поле во последните пет години, позитивната улога на граѓанското општество во унапредувањето на ЛГБТ-правата, како и улогата на независните институции за човекови права, во прв ред Народниот правобранител.

Со резолуцијата се предлага изготвување Национален план за мерките за заштита на правата на ЛГБТ луѓето во земјата, усвојување на законски измени во правец на услогласување со насоките за почнување преговори со Европската унија, како и низа други мерки со кои се унапредува статусот на ЛГБТ популацијата во Албанија.

Народниот правобранител Игли Тотозани го поздрави усвојувањето на резолуцијата, нарекувајќи ја „историски чекор кон унапредувањето на човекови права во Албанија“. Во исто време, ЛГБТ организциите и здруженијата во земјата ја најавија четвртата по ред „Парада на гордоста“ во Тирана, која ќе се одржи на 17 мај.