[Колумна] Аларм за портретот и имиџот на младите во јавноста

Речиси половина милион од граѓаните во Македонија се млади, на возраст од 15 до 30 години. Младите се многубројна група, но тие не се единствена заедница, туку хетерогена, диверзитетна, со различна културна, етничка, верска, политичка и географска позадина. Овие половина милион граѓани не се самостојно организирани, па оттука не можат како група да се грижат за својот имиџ и за тоа како се портетирани пред јавноста.

Според перцепцијата на младите (*), тие во медиумите се претставени со епитети кои одат во крајности. Од една страна како активни, образовани, љубопитни, креативни и политични, но во исто време и како неучтиви, нетолерантни, зависни и насилни. Овие перцепции за претставувањата на младите ги делат и медиумите и младинските организации.

Досега, сведоци бевме на создавањето традиционален имиџ за младите, односно дека тие се иднината на оваа земја (идеалистичен, патетичен пристап) или пак дека се проблематична целна група (за која постои ризик да посегне по пороци, по деликвенција, по недолично однесување).

Capture4Медиумите никогаш не се одлучија младите да ги претстават на современ начин, како партнери на останатите заедници, како интегрален дел од општеството и многу ретко известуваа за нивните активности, потреби и проблеми.

Уште пострашно, во последно време сведоци сме дека на младите им се лепат и други епитети, како тоа дека се виновни за ситуацијата во која се наоѓа државата (зашто не кревале револуции, небаре возрасните кренаа), па дури и како мрзливи и незаинтересирани за работа, во обид да им се налепи вината за огромната невработеност во државата.

За овој негативен имиџ на младите не може да бидат виновни самите тие, зашто тие немаат можност да пристапат организирано кон подобрување на својот имиџ. Иако во своја поддршка ги имаат младинските организации и Националниот младински совет, овој организиран пристап на дејствување е со ограничени капацитети и опфаќа многу мал дел од вкупната младинска популација во државата. За жал, позади младите како општествена група не стои ни една партија, ни еден медиум, ни една компанија, ни еден центар на моќ кој би можел да го одбрани и подобри нивниот углед пред јавноста.

Затоа, одговорноста за тоа како младите ќе бидат преставени во јавност, што во голема мера влијае врз нивната мотивација, ангажираност и врз зголемувањето на нивната верба во себе, е кај медиумите, на младинските организации, на медиумските организации и на компаниите. И на институциите, но од нив не може да се очекува многу, зашто тие се повеќе во функција на партиите, а на партиите повеќе им одговара да имаат мирна, послушна, апатична младина, младина која има негативен имиџ, за полесно да ја контролираат.

Медиумите, особено традиционалните, да разберат дека ги губат младите како своја публика. Колку и да сме задоволни што интернетот е повеќе користен од телевизијата, сепак тоа што младите бегаат од традиционалните медиуми не е добро, бидејќи така младинските теми уште повеќе ќе исчезнат од телевизијата и печатот. 76% од младите секојдневно читаат електронски вести на интернет, а 67% користат интернет на мобилен телефон. Во споредба со останатите медиуми, 58% од младите во Македонија гледаат телевизија на дневно ниво, 40% слушаат радио, 22% читаат печатени медиуми. Дури 14% од младите во Македонија никогаш не прочитале печатен медиум.

Capture ym

Медиумите треба да интервенираат во своите програмски содржини, а притоа да земат во предвид дека последното истраживање на тема “Млади и медиуми” покажа дека младите се најмногу заинтересирани за информативни програми, документарни и играни филмови, а најмалку за реални шоуа, сапуници и религиозни содржини.

Конечно, медиумите треба да разберат дека младите ги прочитаа манипулациите со кои се служат и тоа сигурно влијае врз нивната одлука да ги напуштаат традиционалните, а да се селат кон новите медиуми. За ова говори истражувањето според кое 47% од младите сметаат дека медиумите често пласираат лажни факти, 36% сметаат дека медиумите употребуваат јазик кој стимулира поделби, а 33% сметаат дека медиумите ги структурираат вестите на пропагандистички начин. Општиот заклучок е дека младите малку им веруваат на содржините пласирани преку медиумите, при што радиото го сметаат за медиум кому најмногу може да му се верува. По однос на слободата на говор, 47% од младите во Македонија секогаш или често се чувствуваат неудобно и несигурно да објавуваат политички ставови преку медиумите.

За односот на медиумите кон младите говори и фактот дека тие се ретко застапени во медиумските содржини. Најмногу се застапени во спортските и забавните содржини, а најмалку во економските и политичките. Медиумите треба да најдат начин да креираат содржина со која ќе ги задржат младите како своја публика, преку програми наменети за млади, преку тренинг на младите новинарите кои работат во редакциите и преку известување за активностите, потребите и проблемите на младите во сферата на политиката, образованието и економијата, за сметка на спортот и забавата. Ова на комерцијално ориентираните медиуми ќе им се исплати, ќе вратат дел од публиката и со тоа ќе го зголемат своето влијание пред огласувачите.

Младинските организации, како единствена организирана форма преку која се застапуваат младинските интереси, треба да го подобруваат својот ПР, да бараат обуки, да се едуцираат во сферата на комуникациите.

Младинските организации во најголем процент немаат обезбедено средства за поддршка на млади новинари, не нудат поддршка за истражувачки написи и немаат обуки за младите за создавање медиумски содржини. Со недостигот на овие активности, тие придонесуваат кон слабото вклучување на младите во медиумскиот простор и делумно придонесуваат кон слабата застапеност на младите

100% од младинските организации имаат профил на социјалните мрежи, а во исто време сметаат дека ТВ е најкорисно средство за информирање. Иако испраќаат соооштенија и имаат контакти листи за медиуми, само половина од нив вршат прес клипинг и се грижат за стратешко комуницирање. Многу често ги користат социјалните мрежи, а многу ретко се појавуваат на ТВ или пишуваат статии.

ym f

Медиумските организации да се заинтересираат за начинот на кој медиумите известуваат за младите, како и за содржините кои им се пласираат на младите, наспроти интересите на младите. Како што се кој ден сме сведоци на по некоја обука или прирачник за начини на известување за одредени теми (целни групи) во општеството, така, да се создадат едукативни содржини кои на новинарите ќе им помогнат професионално, етички и одговорно да известуваат за младинските проблеми и потреби.

И компаниите, заедно со своите маркетинг и ПР агенции, можат да влијаат врз подобрување на имиџот на младите во јавност. Неопходно е компаниите да насочат поголем дел од своите активности во областа на корпоративната општествена одговорност кон младите, да креираат јавни настани посветени на младите и на тој начин да генерираат информации и вести со кои ќе овозможат претставување на младите во подобро светло во јавноста. Ваквиот начин на општествено одговорно дејствување не само што ќе им помогне на младите, туку и ќе ги претстави компаниите во одлично издание пред оваа целна група која брои половина милион граѓани.

Capture3

За крај, ќе повторам една фраза која оди во корист на новите медиуми, а тоа е дека револуцијата нема да биде пренесувана на телевизија (алудирајќи на тоа дека за радикалните новости ќе се информираме преку интернет, на што бевме сведоци во слуачајот на Украина), но во исто време ќе потенцирам дека револуцијата нема да се случи ако за потребата од неа не известат телевизиите. Интернетот е моќна алатка, но не доволна за само преку неа да се решаваат проблемите на младите.

Марјан Забрчанец- консултант за комуникации и односи со јавност и извршен директор на Младински образовен форум

Колумната е оригинално објавена на zojm.mk.