Професорите и студентите од регионот велат дека Болоњскиот систем на високо образование не ги исполнил очекувањата за реформа. Десетина години после воведувањето на Болоњскиот систем на образование во регионот, заеднички став на професорите и студентите е дека, во најдобра рака, реформата на образованието не е спроведена онака како што е замислена, анализира „Ал Џезеира“.
Ламија Тановиќ, професорка на Природно-математичкиот факултет на Универзитетот во Сараево, вели дека не е задоволна од имплементацијата на образовната реформа.
„Во Босна и Херцеговина Болоњскиот систем на образование не ги исполни очекувањата, ниту реформата е адекватно спроведена. Болоњскиот систем не пропадна таму каде што е соодветно имплементиран, што во Босна и Херцеговина не е случај“, оценува професорката Тановиќ.
Уште поостар критичар на високото образование е нејзиниот колега од Филозофскиот факултет во Осијек, професорот Златко Милиша.
„Јас сум, претпоставувам, познат во Хрватска како радикален критичар на Болоња до таа мерка што се согласувам со студентите од Германија, Италија, Швајцарија и Франција кои бараат нејзино укинување. Значи, јас сум за укинување на Болоња“, порачува Милиша.
Тој додава дека реформата на образованието е наметната, а „не може да дојде до ништо добро ако е нешто наметнато. Таа во Хрватска стигна без јавна расправа“, додава професорот.
Несоодветна поддршка
Ахмед Нурковиќ од Студентскиот парламент на Универзитетот во Сараево (СПУС) смета дека законодавството потфрлило во поддршката на реформата која се одвива на универзитетите, а која претставува премин на Болоњскиот систем на високо образование.
„Со самото тоа и универзитетите се несоодветно подготвени за сите барања кои тој премин на системот ги нуди. Денес ситуацијата на голем број факултети на Универзитетот на Сараево се поправи во однос на состојбата од 2006 до 2011 година, но сé уште постои простор за напредок“, вели членот на сараевскиот Студентски парламент.
Дека реформата не ги исполнила очекувањата смета и Ѓорѓе Павиќ, продекан за студии од втор и трет степен на белградскиот Факултет за политички науки.
„Реформата не ги исполни очекувањата, но не е фер да се споредува реформа со очекувања, туку со она дали сега ситуацијата е подобрена во однос на она што го имавме пред 10 години. Некои работи се полоши, некои подобри. Реформата секако не е спроведена како што би требало, бидејќи не се работи само за реформа на програмата на универзитетите, туку и на сите други пропратни прилагодувања, пред сé на образовната политика во секоја држава посебно“.
Планови и реалност
„Болоња предвидува поголема проодност на професорите и студентите. Но каква е реалноста? Во реалноста во Хрватска на поголемиот број факултети е забранета надворешна соработка поради недостаток на пари. Значи, каде и да се соочите со реалноста, гледате напросто упропастен систем на студирање“, критичен е професор Милиша.
Проф. Тановиќ има слично размислување: „Најголемите замерки на болоњската реформа кај нас се тоа што не ги исполни своите основни задачи, а тоа е да ги хармонизира, односно изедначи образовниот систем на сите универзитети, т.е. да создаде простор на високо образование кој потоа едноставно би се имплементирал во ‘Европски простор на високо образование’. Другата задача е да овозможи мобилност на студентите и академскиот персонал прво внатре во земјата, а потоа и во рамките на Европа. Тоа сега не е можно, што е последица на неисполнувањето на првата задача“.
Критичко размислување
„Болоњскиот систем го упропасти критичкото размислување. Тоа не го велам само јас, туку за тоа пишуваа и колегите од странство“, вели Милиша.
„Нели е полош систем оној според кој морате во согласност со Болоњскиот систем да го ограничите бројот на литература? Замислете ги фактите кога од капиталните предмети како систематска социологија, морате да го ограничите бројот на книги. Тоа е убиство на критичкото размислување. Се случи непоправлива штета“.
Додава дека сега сите мислат и се во заблуда дека Болоњскиот систем е добар, но кај нив е лошо имплементиран. Според него, ако целите се добро поставени, добро ќе бидат и имплементирани.
„Со Болоња буквално се претворивме во чиновници“, вели тој, сметајќи дека воведувањето на администрирање на професорите е еден од најголемите проблеми.
„Сé е квантификувано и за сé мора да се води администрација, а службите не се доволно оспособени. Започнувањето на кариера на универзитет порано беше предност, а сега се претвора во хендикеп. Бидејќи покрај толку настава, администрација и барања, младите луѓе не можат брзо научно да се профилираат. Покрај тоа, барањата за напредување се такви што доаѓа до проверка на трудовите, кои често имаат сомнителен квалитет, така што на површина почесто избиваат повештите, а не подобрите научници“.
На крај, професорите и студентите сметаат дека е потребно да се анализира досегашната имплементација на образовната реформа и да се извршат потребни корекции.
„Би почнала со примена на болоњската реформа од почеток. И би заборавила на сé што работевме од 2003 година“, вели проф. Тановиќ.
Извор: Ал Џезеира