Аквариум во Конектикат одложи увоз на бели китови поради тужба од активисти

Аквариум во американската сојузна држава Конектикат се согласи да го одложи увозот на пет бели китови – белуга, до 31 март, поради тужба поднесена од група за заштита на животни.

Аквариумот „Мистик“ се согласи да го одложи увозот на китови, за судијата да има време да одлучи по тужбата на организацијата „Пријатели на животните“ за забрана и запирање на испораките.

„Пријатели на животните“, со седиште во Дариен, Конектикат, поднесе тужба во септември, велејќи дека пет бели китови ќе бидат загрозени поради прекинување на врските со другите припадници на нивниот вид.

Тужбата е поднесена против трговскиот секретар Вилбур Рос и Националната служба за морски риболов, кои одобриле дозвола за истражување што му дозволува на аквариумот „Мистик“ да увезува китови од канадската провинција Онтарио.

„Ова е одличен резултат за китовите, бидејќи тоа значи дека тие нема да бидат отстранети од нивното живеалиште и префрлени во Мистик сè додека судот не утврди дали дозволата издадена од владата е во согласност со законот“, рече Стивен Херник, адвокат на „Пријатели на животни“.

Аквариумот веќе има три белуги, целосно бели китови. Во „Мистик“ живее најголемиот дел од морскиот свет во САД.

Претставници на аквариумот велат дека дозволата за увоз на китови ќе им овозможи „да прават неинвазивни истражувања“, што е „од витално значење за помагање“ на овој загрозен и мал вид кит.

„Пријатели на животните“ тврдат дека дозволата ги крши Законот за заштита на морските цицачи и Националниот закон за заштита на животната средина, бидејќи државните службеници не нашле решение за можните потешкотии на китовите поради преселбата во „Мистик“.

Аквариумот ја брани идејата за истражување и вели дека нивното живеалиште ќе обезбеди безбедна, здрава и пространа околина за новите пет китови.