„Акустик Сквер Фестивал“ во сабота пред Универзална сала

Четвртото издание на манифестацијата „Акустик Сквер Фестивал 2015“ ќе се одржи на 12 септември (сабота), на летната сцена на платото пред Универзалната сала, неодамна именувана во конгресен центар Александар Македонски.

„Во рамките на четвртото издание на манифестацијата Акустик Сквер Фестивал, организаторот ЈУ Конгресен Центар Александар Македонски продолжува со поддршка на младите македонски музичари давајќи им шанса не само да го покажат својот талент, туку и да настапат на професионална сцена и своите авторски песни да ги добијат снимани на носач на звук“, се наведува во соопштението за фестивалот.

Годинава, благодарение на соработката со две одлични музички школи, Енсо Школо за гитара и Credo Music, како и младиот рок бенд „Kolt”, организаторите најавуваат интересна програма.

Настапувачи на четвртото издание на „Акустик Сквер Фестивал“ се: Оливер Јаниќиевиќ – гитара, Трајче Димов – класична гитара, Nervol – две гитари и кахон, Оливер Јаниќијевиќ и Кристијан Христов – две гитари, Rock Band „Kolt” и Credo Band.

Како изненадување на публиката се предвидени и специјални гости. Комплетниот фестивал, ке биде професионално снимен на носач на звук со што ќе се документира авторскиот музички потенцијал на младите учесници, што всушност е и една од целите на Акустик Сквер Фестивал.

Фестивалот е дел од програмата за култура на Град Скопје. Почетокот е најавен во 20 часот.