Акцијата „Го сакам ГТЦ“ продолжува со низа нови активности

По пауза од два месеци, во четврток со стотина балони, музички настап и низа пораки до надлежните, продолжува акцијата „Го сакам ГТЦ“. Од Асоцијацијата на архитекти на Македонија не се откажуваат од намерата да го спасат објектот на Градскиот трговски центар за кој беше најавено дека ќе биде затворен со ѕидови и преоблечен во барок. Настаните и овојпат продолжуваат секој четврток со дружење, тематски уметнички перформанси, мали концерти и други случувања поврзани со урбаната култура.

Акцијата „Го сакам ГТЦ“ продолжува со низа нови активности

Паузата, како што наведуваат од Асоцијацијата, е направена поради летниот период, но во меѓувреме се планирале новите активности. Според Даница Павловска-Циги, неодамнешниот претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, потребна е поширока јавна расправа со оние кои ја обмислуваат, но и со оние кои ја живеат архитектурата на ГТЦ.

„ГТЦ е нераскинлив дел од идентитетот на Скопје и претставува негово градителско, историско и културно наследство заедно со останатите делови на неговиот урбан блок. Заради тоа мора да остане таков како што е, автентичен, градски, наш“, потенцираше Павловска.

Како дел од акцијата „Го сакам ГТЦ“ која започна во јуни годинава, секој четврток се случуваа настани за запознавање на јавноста со цел да се зачува старата форма на објектот. Акцијата почна со „Гушкањето на ГТЦ“ каде илјадници граѓани покажаа дека не сакаат да се менува изгледот на ГТЦ.

Емилија Петреска