Акција на „Лице в лице“ во Дневниот Центар за деца на улица од Шуто Оризари

Екипата на списанието „Лице в лице“ викендов ги исполнуваше желбите на децата од Дневниот Центар за деца на улица во Шуто Оризари. Акцијата која почна преку повикот до граѓаните на Фејсбук отворен пред две седмици,  допре до голем број граѓани кои се вклучија, помогнаа и изразија желба и понатаму да се дружат со овие деца.

Акција на „Лице в лице“ во Дневниот Центар за деца на улица од Шуто ОризариНад 70 деца кои се згрижени во Центарот добија свое новогодишно пријателче, граѓанин кој беше нивниот Дедо Мраз. Дел од граѓаните се дружеа со нив во самиот Дневен центар, а дел пак, одеа на заеднички појадок, посета на игротека.

Акцијата стартуваше на почетокот на декември, а активно ја поддржаа волонтери од „Млади за љубов“.

„Кога одблиску ќе ги запознаете овие деца, кога ќе го почувствувате контекстот во кој што живеат и тешките проблеми со кои се соочуваат не по нивна вина, ви се менува целата перцепција за оваа група. Нашиот влог како граѓани во ваквите акции е минимален, а за нив е од огромно значење зашто некој се обидел да ги разбере, им покажал дека верува во нив. Нè радува што граѓаните имаат желба да се дружат со овие деца и во текот на целата година. Почестите средби и мотивирањето ќе влијаат на нивната самодоверба и на создавањето подобра слика за себеси“, укажуваат од екипата на „Лице в лице“ од каде додаваат и дека на овој начин почнуваат промените.

Соработката на „Лице в лице“ со Дневниот центар за деца на улица започнува кога од овде се ангажирани првите продавачи на уличното списание. Акцијата е поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско општество спроведуван од страна на Фондацијата Отворено општество – Македонија.